МЗ се уште го чека извештајот од обдукцијата на 6-годишната Јана

од Nikola Popovski
173 прегледи

Министерството за здравство се уште го чека извештајот од обдукцијата од Судска медицина за шестгодишното девојче Јана кое почина во Клиничката болница „Др Трифун Пановски“ во Битола.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека очекуваат за кратко време Обвинителството да го побара извештајот, по што тие во истиот момент ќе го достават. Тој најави дека во најскоро време ќе ја посети Битолската болница.

Комисијата за стручен надзор за случајот со лекувањето на 6-годишната Јана констатираше дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза, се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката и дека нема утврдено пропусти.

Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската Клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано.

Досега беа организирани три протести, два во Битола и еден во Скопје, при што се побара надлежните да излезат во јавноста и да ја кажат вистината за смртта на Јана.

Слични содржини