МЗ: Во сите инсулински аптеки има инсулин, нема никаков проблем во иглите и апаратите за мерење

од Nikola Popovski

Откако Сојузот на здруженијата на дијабетичари на Македонија реагира дека сѐ уште постојат технички пречки за пациентите да ја купат терапијата, од Министерството за здравство се огласија дека пациентите не се оставени без инсулин, дека во сите инсулински аптеки во државата има инсулин и истиот им е достапен на пациентите.

„Изминатиов период поради промена во софтверот за нов вид на инсулински продукти – игли Тип1 и Тип2, како и апаратчињата за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерира, не се издаваа истите. Напоменуваме дека нема никаков проблем во количините на иглите, лентите и апаратите за мерење инсулин, туку во делот на евидентирањето, проблем што веќе се надминува и од вторник, кога ќе бидат отворени инсулинските аптеки, истите инсулински продукти ќе им бидат достапни на пациентите“, велат од МЗ.

Според нив, од почетокот на пандемијата до денес, Министерството се погрижи во секое време терапијата за пациентите со дијабет да биде навремено доставена до сите инсулински аптеки низ државата иако имаше недостаток низ цела Европа поради енормната потрошувачка.

Претседателот на Сојузот, Димче Велев на денешната прес-конференција во Штип, изјави дека некои од инсулините во системот Мој термин се внесени со дупли шифри поради што инсулинот го има во аптеките, но не може да се купи оти шифрите не се достапни во системот.

„Добив информација дека овој производ повеќе нема да го добиваат преку Министерството за здравство и дека ќе биде заменет со некој понов лек кој се давал еднаш неделно. Топката три месеци се префрла од Министерството до Мој термин и обратно, посебно поради тоа што во Македонија над 40.000 пациенти се на инсулин и спаѓаат во најризичната група од ковид -19“, изјавил Велев.

Слични содржини