По само шест месеци, Ромките од Шуто Оризари повторно останаа без матичен гинеколог, реагираат од Иницијатива на жени од Шуто Оризари.
Oд министерството за здравство за „Локално“ велат дека надлежните ќе направат напори во најскоро време да обезбеди нов гинеколог во општина Шуто Оризари.
-Во изминатиот период, министерството за здравство вложи напори за да обезбеди матичен гинеколог за пациентките од овој реон, кој после долги години започна со работа во гинеколошката ординација во населбата Шуто Оризари. Министерството за здравство набави посебна специјалистичка опрема во вредност од близу 30.000 евра и сега таа гинеколошка ординација е целосно опремена според најсовремените стандарди со посебен стол, одредени апарати во делот на клопоскопија, најсовремен ехо апарат, велат од МЗ.
Според соопштението кое е поствено на вратата на ординацијата на др. Божидар Бошковски се вели дека лицата кои имаат потреба од преглед може да си побараат друг матичен лекар.
-До крајот на овој месец, замена на др. Бошковски ќе биде др. Коруноски од ординацијата Коруноски МВР сметена во поликлиниката на МВР. Може да го контактирате во случај на неодложна потреба.Потоа треба да си побараат нов матичен лекар, стои во соопштението.
Од Иницијатива на жени од Шуто Оризари посочуваат дека и покрај заложбите за правата на жените од Шуто Оризари прво за да се донесе гинекологот, па се до тоа да не си замине, тие се повторно оставени без матичен гинеколог.
-Апелираме и ги повикуваме надлежите институции, Министертво за здравство веднаш и итно да изнајдат долготрајно решение за матичен гинеколог за жените од Шуто Оризари. Потсетуваме само во последниот период од шест месеци, две Ромки-родилки починаа за време на породувањето.Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари продолжува да застапува за овој долгодишен проблем со немање на матичен гинеколог, како и да им помага на жените да си ги остварат своите сексуално-репродуктивни права, велат од Здружението.