МЗ за Поликлиниката во Шуто Оризари: На шест огласи не се пријави ниту еден матичен лекар, седми оглас е во тек

од Nikola Popovski
261 прегледи

Откако денеска неколку граѓански здруженија обвинија дека жителите на Шуто Оризари се оставени без матични лекари, Министерството за здравство информира дека за Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години почнувајќи од 2015 па се до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање на ординации по општа медицина за матични лекар.

„На ниту еден оглас до сега се нема пријавено лекар за работа. Во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април. Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред, нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина“, стои во соопштението на МЗ.

Според нив, во моментов во Поликлиника Шуто Оризари има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба.

„Во Поликлиниката работи и ноќна дежурна служба секој ден од 19,30 до 7,30 наредниот ден, a во неделите до 24 часот. Саботните дежурства ги држат лекари концесионери од приватните здравствени установи од тој реон .

Во Поликлиниката Шуто Оризари работат и Приватни здравствени ординации, концесионери кои имаат 25.000 илјади пациенти“, велат од Министерството.

Од Здружението за иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје велат дека околу 5.200 лица во оваа населба се оставени на милост и немилост поради недостигот на матични лекари, проблем кој што се развлекува скоро една година.

Слични содржини