МЗ ѝ ги одзеде овластувањата на Стоматолошката комора поради сомнежи за злоупотреби

од Nikola Popovski
13 прегледи

На Стоматолошката комора привремено ѝ се одземени овластувањата за издавање лиценци. Министерството за здравство донесе ваква одлука откако извршените надзори укажале на бројни пропусти – едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците, договори кои биле склучувани ретроактивно, спротивно на закон, носење одлуки и документи со невалидна документација, како и игнорирање одлуката на Уставниот суд.

Министерот Азир Алиу рече дека постојат и сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби.

„Надзорот, како и документите покажаа сериозни пропусти – договори склучени ретроактивно спротивно на закон, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација, игнорирање на привремената мерка и конечноста на одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот“, рече Алиу на денешната прес-конференција.

Порача дека ова е директен удар врз една од петте столбови на неговата визија за здравството. Алиу додаде дека Комората мора да има кредибилен законски и транспарентен систем за лиценцирање.

Финансиската полиција ја чешла Стоматолошката комора, а од Министерството за здравство најавија и дека сите документи ќе бидат предадени на Обвинителството.