МЖСПП апелира да не се шират дезинформации за Чебрен

од Nikola Popovski
327 прегледи

Тендерската постапка за доделување на концесија за ХЕЦ Чебрен кој што е инфраструктурен проект од исклучителна важност за државата, е се уште во тек, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму ја замолуваат јавноста и медиумите да не се шират дезинформации и да не се пренесуваат погрешно изјави поврзани со овој процес, од технички, правен или финансиски аспект.

-По завршувањето на процесот јавноста благовремено ќе биде информирана, стои во соопштението на Министерството.

Здружението на инженери на Македонија поднесе претставка до надлежните институции за одлуката за концесија на хидроцентралата „Чебрен“ со која бара да се замрзне процесот за потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања.

Оттаму изразуваат сомневање дека се направени низа суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектрани на Црна Река.

Професорот Атанаско Тунески во гостување на емисија упати апел до надлежните да не го даваат проектот „Чебрен“ на странски инвеститор, затоа што, како што кажа тој, би ја загубиле и хидроцентралата Тиквеш и Црна Река.

-Ќе донесат петорица Грци, ќе соберат пари, кајмак, вода, се ќе соберат. Тоа ќе значи дека наместо досегашните 8 милиони евра, од ХЕЦ Тиквеш струјата ќе ни ја продаваат за 40 милиони евра. Одма ќе се зголеми цената. Таа струја сега што ја користиме, е дел од Тиквеш, сега не чини X, а ќе не чини понатаму 5Х. Кој ќе го плати тоа, ако не народот, рече поранешниот член на РКЕ.

Со одлука на Владата на 14 септември се овозможи реализација на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ на Црна Река, со што треба да се стави крај на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении. Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

Слични содржини