МЖСПП ги одзеде ингеренциите на општина Свети Николе за депонијата кај Мечкуевци

од Nikola Popovski

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, во врска со регионалната депонија, откако тој не ја прифаќаше предвидената локација.

Од Министерството велат дека се одземени ингеренциите во делот на управување со заедничкото претпријатие, кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици, додека другите надлежности на градоначалникот си остануваат.

Живка Михајлова координатор на проектот од Источно планскиот регион, којашто од самиот почеток е вклучена во сите постапки за изградба на регионалната депонија, во којашто учествуваат 18 општини од Источниот и Североисточниот плански регион вели дека со ова продолжува постапката за ставање во функција на претпријатието, избор на директор, вработени и со тоа имплементација на проектот.

-Ингеренциите на Општина Свети Николе во поглед на одлуки поврзани со регионалната депонија се одземени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во рамките на оваа постапка Свети Николе таму не донесува одлуки, во нивно име донесува Министерството, а сите други општини нормално си ги донесуваат одлуките како што налага целиот процес. Таа локација не беше избрана туку така, туку беше правена цела студија за изводливост, па така таа се прифати, вели Михајлова.

Слични содржини