Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека сите мерни станици од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух се во функција но повремено податоците од одредени мерни места не се достапни. Имено заради застареност на серверска опрема што во изминатите месеци предизвикуваше повремени падови на системите, Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон набавка на нова опрема.
„Во моментот новата серверска опрема е набавена и инсталирана и во тек е мигрирање на системите и базите од стара на нова серверска опрема. Додека се врши миграцијата, можни се привремени прекини или недостапност до одредени сервиси во текот на следните неколку дена за што навремено ја известивме јавноста преку нашата веб страница и социјалните мрежи на МЖСПП.
Дополнително се спроведува и процесот на подесување на системот и заштита од надворешни упади преку интернет конекцијата.
Се прават напори да се забрза постапката и во најскоро време сите сервиси да бидат достапни. Исто така напоменуваме дека податоците од сите мерни станици се достапни за МЖСПП и се следат, а доколку бидат надминати праговите на информирање или алармирање јавноста/општините ќе бидат навремено информирани и на сила ќе стапат соодветните мерки. Исто така сите податоци што не биле достапни на јавноста со ставањето во функција на новата серверска опрема ќе бидат ретроактивно достапни/видливи.
Заради транспарентност МЖСПП ќе објавува податоци за среднодневни концентрации од извршените мерења за РМ10 и РМ2,5 од претходниот ден.
Повлечени се податоци од извршените мерења, со далечински on-line пристап до логерите за податоци, од следните автоматски мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух: Миладиновци, Лисиче, Ректорат, Кичево, Велес 2, Центар, Лазарополе, Битола 1, Ѓорче Петров и за истите ви доставуваме во прилог во вод на графикон со среднодневни концентрации на ПМ10 И ПМ 2, 5 честички за изминатите два дена.
Податоците од мерните станици Карпош, Тетово, Струмица и Гевгелија во моментот не е возможен пристап.
Во моментот врз основа на добиените и анализираните податоци за концентрациите на РМ10 евидентно се забележува зголемување на загадувањето и надминување на среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен на повеќе мерни места. Прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 μg/m3 во текот на два последователни денови) е надминат во Скопје на мерните места Центар и Лисиче и на мерните места во Гостивар, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Кичево и Велес.Податоците се следат од страна на Министерството и доколку има услови за надминување на прагот на алармирање на РМ10 и стапувањето на сила на мерките, граѓаните ќе бидат навремено информирани“, се наведува на Фејсбук страницата на МЖСПП.