Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во април, до Собранието на Република Северна Македонија поднесе измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален, како и изменување и дополнвање на Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Целта на измените и дополнувањата е да се олесни начинот за аплицирање на земјоделците и намалување на процедурите за добивање на финасиска поддршка преку програмите на министерството за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Измените на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој овозможуваат нова надлежност и ингеренција на Агенцијата во насока на воспоставување, одржување и управување на базите и регистрите, неопходни за имплементација на мерките за земјоделство и рурален развој, предвидени во Законот за земјоделство и рурален развој, и преземање на постапката за упис, бришење и измена на земјоделските стопанства во Единствениот регистер на земјоделски стопанство. Техничката имплементација на овие промени се извршуваат преку проект финансиран од Европската Унија.
Веќе скоро две години овие законски решенија се заглавени во Собранието, а дополнително, од нерабирливи причини, претседателот на собраниската комисија за земјоделство не закажува седница на матичната комисија каде треба да се разгледаат овие две предложени законски измени. Блокиран исто така е и предлог Законот за измена и дополна на Законот за земјоделско земјиште со кој се врши усогласување со Законот за урбанистичко планирање.
Целосно неоправдани се блокадите на законите насочени кон подобрување на правата на земјоделците. Ваквите блокади единствено водат кон отежнување на состојбата во овој сектор.
Истовремено, секоја блокада на заслужената финансиска поддршка, како оваа или пак како блокадата со исплатата на тутунот, во вакви кризи времиња дополнително ја намалува поддршката за македонските земјоделски производи, што може да влијае кон намалување на земјоделските површини и култури, но и кон зголемување на цените на основните прехранбени производи.
Апелираме до претседателот и членовите на комисијата за земјоделство, но и до сите пратеници во Собранието високо во приоритетите да го стават гласот на земјоделците и да ги донесат законите кои го подобруваат и помагаат нивното работење.
Место за политика во земјоделството нема, ниту ќе дозволиме да има. Политичките игри и препукнувања не смеат да бидат на штета по македонските земјоделци. Исправени сме пред сериозна криза, каде простор за блокади и притисоци нема, само заедно и единствени можеме да излеземе од оваа криза да излеземе со помали последици кон македонските земјоделци, а со тоа и кон сите граѓани во државата.