Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го забележаа петтиот триумф по ред на паркетот во „Јане Сандански“, откако славеа над Широки Бријег со убедливи 83-71.
Тимот на Ѓорѓи Кочов се издвои на второто место на табелата со скор 6-2, односно со една победа помалку зад лидерот Борац Чачак. Клучен статистички елемент за триумфот беа големиот број погодени тројки, вкупно 14 и фактот што македонскиот првак доминираше во скок-играта (37-26).
Џабари Хиндс беше најефикасен во сино-белиот табор со 17 поени и шест асистенции, додека зад него беа Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски со по 13 поени на кои додадоа пет скока односно шест асистенции.
За точно една недела, МЗТ Скопје Аеродром ќе го одигра следниот дуел во АБА2-лигата и тоа на гостински терен против српскиот претставник Динамик.