Професорката и поранешна претседателка на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, Мирјана Најчевска смета дека не е потребно американската амбасада во земјава да излага со црна листа за корумпирани политичари во земјава.
Таа на својот Фејсбук профил напиша дека се потребни „паметни луѓе кои знаат што прават, умеат и го прават она за што се избрани и платени“.
Според неа, треба да се отпуштат сите судии и јавни обвинители и да се распише конкурс. Меѓу другото Најчевска смета во Македонија се потребни само 7 министерства и 30 општини, а се залага и за распуштање на сите управни и надзорни одбори.
Американската амбасадорка Анџела Агелер вчера информира дека не може да даде точен временски рок кога ќе бидат објавени новите имиња од Македонија на ажурираната црна листа на САД со санкции, иако претходно најави дека се очекуваат едно до две имиња во следните неколку месеци.
-Тоа што го реков пред некој ден, стојам за тоа и е вистина. Сепак информациите треба да дојдат од Вашингтон и јас не можам да ви дадам временски рокови или број на тоа колку лица ќе бидат откриени. Постојат повеќе листи согласно кои различни лица можеби се истражуваат во различни контексти на корупцијата. Сите тие лица се истражуваат за да може да се донесат соодветни санкции, одговори Агелер на новинарско прашање при посетата на полигонот Криволак.