Најмалку 522 лица загинаа во демонстрациите во Иран, тврдат активисти

од Nikola Popovski
133 прегледи

Најмалку 522 лица се убиени во четиримесечните антивладини демонстрации во Иран, се наведува во извештајот објавен на 15 јануари од американската Агенција за човекови права (HRANA).

Меѓу загинатите има 70 малолетници и 68 припадници на безбедносните сили, пишува редакцијата на „Радио Слободна Европа“ на англиски јазик.

Речиси 20.000 луѓе се уапсени, а 110 се соочуваат со обвиненија кои би можеле да доведат до смртна казна, се вели во извештајот.

Четири лица биле егзекутирани.

Демонстрациите во Иран беа поттикнати од смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од моралната полиција поради наводно непочитување на строгиот кодекс на облекување на Иран.

Махса Амини почина на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од полицијата во Техеран.

Следеа антивладини демонстрации, кои беа задушени од иранските безбедносни сили.

Во меѓувреме, демонстрациите се претворија во повици за соборување на иранските верски владетели и претставуваат еден од најсериозните предизвици за иранските власти од револуцијата во 1979 година.

Слични содржини