Најмалку 8 повредени по денешниот земјотрес во Турција: „Луѓе се затрупани под урнатините“

од Vladimir Zorba
105 прегледи

Најмалку осум лица се повредени во земјотресот што вечерва ја погоди провинцијата Хатај во Турција.

Ова го потврди турскиот потпретседател Фуат Октај, пренесе АА.

Градоначалникот на Хатај изјави дека „луѓе се затрупани под урнатините“, јави Би-Би-Си.

Сириската новинска агенција САНА објави дека шест лица се повредени во Алепо при уривање на веќе оштетени згради.

„Тоа беше првиот ден кога решивме да останеме во нашата куќа бидејќи има само еден кат, а јас вклучив греалката за да се стоплам“, изјави за „Гардијан“ Ата Кошар од Хатај.

„Лежев на подот и додека лежев имаше уште еден земјотрес. Слушнавме нешто што звучеше како зградата повторно да се урива“, додаде тој.

Мубна ал-Омар од Антакија рече дека била во шатор во паркот кога се случил земјотресот со јачина од 6,4 степени.

„Мислев дека земјата ќе се отвори под моите нозе“, рече таа, плачејќи и држејќи го во раце својот седумгодишен син.

Таа, исто така, праша „дали ќе има уште еден последователен потрес?

Според прелиминарните податоци, земјотресот бил со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар. Потоа следеа уште еден од 5,8 степени, а потоа уште два земјотреси со јачина од 5,2 степени.

Граѓаните во паника истрчаа на улиците, а надлежните ги предупредија да не се приближуваат до оштетените објекти, а беше прогласена и опасност од цунами.

Во разорните земјотреси што ја погодија истата област пред две недели, загинаа повеќе од 46.000 луѓе, а повеќе од еден милион луѓе останаа без покрив над главата.

Слични содржини