На врвот на листата со пријавен годишен бруто доход од 244 милиони денари за 2021 е граѓанин од Скопје. Најголем дел од примањата се од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања. Највисоката годишна бруто плата во 2021 година е исто така кај граѓанин од Скопје. Таа е исплатена во дејноста трговија на големо со производи од тутун, односно 122,3 милиони денари.
Ова денеска го обелодени директорката на УЈП, Сања Лукаревска, презентирајќи ги податоците од годишната даночна пријава за 2021 година.
Лукаревска исто така информира дека по основ на игри на среќа, на скопјанец му се исплатени 41,1 милион денари од Државна лотарија, а второрангираниот од обложувалници исто така од Скопје остварил добивка од игри на среќа главно од обложувалници во износ од 31,3 милиони денари.
Во категоријата „Најмлад и Највозрасен милионер“, лице кое во 2021 година било на 8-годишна возраст остварило доход 1.020 508 денари, по основ на семејна пензија, а лице на возраст од 96 години остварило доход во износ од 1,2 милиони денари. И кај двете лица најголемиот дел од приходот е остварен по основ на пензија, соопшти денеска Лукаревска.