Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва информираше дека сите општини и јавни претпријатија во рамки на општините, но и во рамки на централната власт кои не склучиле договор за снабдување со електрична енергија, прават 20 отсто поголеми трошоци врз буџетите кои ги полнат граѓаните и ќе бидат јавно објавени на 15 октомври.
-Јас ќе побарам од Владата одговорност и раководните лица да објаснат зошто преминале на краен снабдувач. Има простор да им се помогне на училиштата во однос на снабдувањето со електрична енергија, а за јавните претпријатија уште еднаш упати порака дека треба да ги почитуваат мерките за штедење, кажа Бектеши во „Топ тема“.
На прашањето дали чувствува морална одговорност за ситуацијата со енергетската криза, министерот одговори дека навреме се направени сите потребни чекори.
-Освен обезбедување суровини, струја и топлинска енргија, наша работа е и да се грижиме за буџетот на граѓаните. За мене, а посебно за ЕСМ, ќе беше најлесно ако купеа струја и природен гас по цени кога беа највисоки, категоричен е Бектеши.