На 16. мај пресудата за повторениот судскиот процес за пожарот во тетовската модуларна болница

од Nikola Popovski
39 прегледи

Во Основниот суд во Тетово во тек се завршните зборови за случајот модуларна болница. За овој случај во кој им се суди по вторпат на поранешните директори на тетовската болница Флорим Бесими, Артан Етеми како и за правното лица Клиничка болница Тетово се очекува да биде донесена втора пресуда.

Претставникот на Обвинителството посочи дека со изведените материјални и вербални докази и сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството, двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го направиле според пропишаните прописи.

Адвокатот на обвинетиот Флорин Бесими во завршните зборови истакна дека како директор во договорот за менаџирање со установата немал задолжение да поставува противпожарни уреди и не се потпишал на записник за прием на модуларната болница. Побара од судот обвинетиот да биде ослободен од одговорност.

И адвокатот на обвинетиот Артан Етеми побара ослободителна пресуда, потенцирајќи дека Обвинителството не успеало да докаже причинско-последичен тек со кој се докажува вината на неговиот клиент.

Двајцата обвинети и претставникот на Клиничка болница се согласија со завршните зборови на своите адвокати и побараа ослободителни пресуди. По искажаните завршни зборови судијата Реџеп Муса истакна дека пресудата ќе биде изречена на 16 мај во 12 часот.

Сите се товарат за тешки дела против општата сигурност. Со повторното судење не се бара одговорност за настанувањето на пожарот, туку за последиците кои ги предизвикал. Пожарот во тетовската модуларна болница избувна на 8 септември 2021 година, за неколку минути 14 луѓе го загубија животот.

Во истрагата се вклучија и германски истражители, а беше констатирано дека пожарот го предизвикал продолжен кабел за струја на кој бил приклучен дефибрилатор и полнач за мобилен телефон.

Слични содржини