На 2 февруари Хан повторно во Скопје

од desk3
100 прегледи

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на својот официјален „Твитер“ профил извести дека ќе ја посети Македонија на 2 февруари и потсети дека сите партии треба да имаат конструктивна соработка.

ali ahmeti johanes han

„Поранешна Југословенска Република Македонија: Добредојдени се првите чекори преземени од страна на опозицијата да остане вклучена. Сериозни напори, исто така, треба брзо да направат владеjачките партии за Избирачкиот список, Државната изборна комисија и реформите во медиумите. Конструктивна соработка на СИТЕ партии е единствениот пат за да се обезбедат фер и демократски избори. Работа сега мора да се забрза. Ќе се вратам во Скопје на 2 февруари да го прегледам напредокот во подготовките за изборите, ДИК заедно со меѓународната заедница“, напиша Хан на „Твитер“.

Европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит следната недела ќе ја разгледуваат новонастаната ситуација во Македонија, дознава „Мета“. На средбата е можно да присуствува и еврокомесарот Хан, но засега нема официјална потврда.

Средбата на европратениците доаѓа една недела пред посетата на Хан на Македонија.

Трендафил Ивановски ја доби државата во Стразбур, лустрацијата падна…

Европратениците и еврокомесарот за време на нивните последни посети излегоа со различни ставови во врска со спроведувањето на изборите.

Ховит, во интервју за „Телма“ изјави дека се сомнева дека ДИК има доволно време да може да го прочисти Избирачкиот список и изборите да се одржат на 24 април. Тој истакна дека не е важно кога ќе се одржат, туку дека е приоритетно тие да бидат кредибилни.

Неколку дена подоцна, Хан не успеа да ги откочи преговорите за отворените точки од Договорот од Пржино. Партиите не успеаја да се договорат за датумот за изборите, а ниту, пак, за прочистувањето на Избирачкиот список и за Законот за медиуми. По пропаднатата средба Хан изјави дека сепак има доволно време за да се направат неопходните реформи за кредибилни избори на 24 април.

 

МЕТА