Фирма со исто име како туристичката агенција „Беса Транс“, сопственик на опожарениот автобус на автопатот Струма, е регистрирана во Ќустендил, покажува проверката во Трговскиот регистар на Бугарија.
Според репортерите на БНТ на местото на адресата на која се води фирмата има станбен блок, а во наведениот стан според адресата живее постара жена.
Нејзиниот син изјавил дека имињата на фирмите се совпаѓаат и немаат никаква врска со туристичката агенција која е сопственик на изгорениот автобус и дека нивната компанија е за транспорт на стоки.
Aгенцијата функционира од 2011 година, а од 2019 година нејзин управител е Аздрен Зубери, македонски државјанин со албанско потекло. Седиштето на фирмата е во Ќустендил, но има и неколку канцеларии во Скопје и во други градови во Северна Македонија.
Во моментов полицијата во Македонија стои пред канцеларијата на „Беса Транс“ во Скопје, која сѐ уште е затворена.
Меѓувреме голем број на роднини се собраа пред фирмата барајќи одговори за состојбата на патниците кои заминале на екскурзија за Истанбул.
На автопатот Струма синоќа загинаа 46 македонски туристи, меѓу кои 11 деца. Луѓето се враќаа во Скопје по патување во Истанбул. Преживеаја 7 лица, сите се вон животна опасност и се сместени во „Пирогов“.