„На Балканот ништо не се заборава, ниту простува“

од Vladimir Zorba

Претседателот на српската Народна партија, Вук Јеремиќ, изјави дека „крајот на историјата не се случил во Србија“, дека „ништо не е заборавено и простено“ на Балканот и дека многумина во Европа сфаќаат здраво заготово дека ќе владее мир на Стариот континент., иако историјата не учи на спротивното – дека никогаш не завршува.

„Балканот е сè уште важен, иако најсилните светски сили, САД и Кина, сега се примарно насочени кон Азија и Пацификот. Балканот е меѓу ретките делови на светот каде што сите сили на северната хемисфера, глобални и регионални, вклучително и ЕУ, САД, Русија, Турција и Кина, се истовремено присутни и заинтересирани“, рече Јеремиќ на предавање за Балканот во рамки на форумот „Аспен Мастермајнд“.

Се работи за форум кој ги обединува светските политички и деловни лидери, како и врвни експерти од областа на економијата, правото, медицината и други области.

Јеремиќ изјави дека во Србија има луѓе кои не можат да се наречат демократи и дека тие имаат воспоставено „хибриден режим“, а таквите режими имаат само една цел – да останат на власт што е можно подолго.

„Тогаш нема демократија и слободна размена на мислења, а историјата нè учи дека, барем во Европа, без демократија нема одржлив економски напредок. Демократијата полесно заостанува во земјите каде што не е длабоко институционално втемелена“, рече Јеремиќ.

Запрашан за неговото лично искуство, Јеремиќ одговори дека има „зачудувачки малку луѓе во политиката кои мислат дека не се најпаметни на светот“.

„Огромното мнозинство од нив токму тоа го мислат – дека се најпаметни, а таквото верување доведува до катастрофални одлуки. Суетата е најважната причина за крај на најмалку 90 проценти од политичките кариери. Имав среќа што на време сфатив дека не сум најпаметен во светот, дури и како студент по физика на Кембриџ, каде што споделував соба со Демис Хасабис, кој сега раководи со „Гугл Дип Мајнд“, водечка компанија во светот за развој на вештачка интелигенција“, рече Јеремиќ.

На прашањето за пандемијата на коронавирусот, Јеремиќ одговори дека глобалната криза предизвикана од пандемијата се уште е во почетна фаза, иако биолошката пандемија е при крај.

„Ривалството меѓу САД и Кина ќе продолжи и на тоа поле. Засега Кина води во „дипломатијата за вакцинација“ затоа што ги испраќа своите вакцини на сите страни, додека Западот најмногу ги чува за себе“, рече Јеремиќ.

Додаде дека во односите меѓу САД и Кина, Вашингтон е „покомплицирана страна на равенката од Пекинг“.

„Се надевам дека сите ќе се однесуваат како „возрасни“ и ќе ја разберат важноста на нивниот меѓусебен однос за светскиот мир“, рече Јеремиќ.

Јеремиќ, кој е и поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, рече дека Светската организација стагнира од 2016 година, најмногу заради ривалството меѓу САД, Русија и Кина.

„ООН повеќе нема да биде значаен фактор ако нема волја – прво од Соединетите држави и Кина, а потоа и од Русија – да се деблокира Советот за безбедност и да започне повторно да работи заедно за важни прашања. Одлуката зависи од нив“, рече Јеремиќ.

Посочи дека светот е погоден од геополитичка рецесија и дека во такви околности меѓународните тела се меѓу првите кои страдаат, бидејќи нема соработка меѓу државите.

Слични содржини