Каматните стапки во Обединетото Кралство се зголемија од 2,25 отсто на дури три отсто, што е најголем скок на каматните стапки од 1989 година. Овој потег ги доведе трошоците за задолжување на нивното највисоко ниво од кризата во 2008 година, кога банкарскиот систем на Британија се соочи со тотален колапс.
Но, ова рекордно зголемување на каматните стапки започна уште во декември кога трошоците за живот во Обединетото Кралство почнаа рапидно да растат, што им отежна на многу домаќинства во оваа земја да ги покријат основните трошоци за живот, пренесува „Независне“.
Рецесија се дефинира како најмалку два периоди од три месеци во кои економијата на една земја е во пад. Во период на рецесија, типично е компаниите да заработуваат помалку, што потоа се рефлектира со помали плати и поголема невработеност. Банката на Англија сега верува дека Обединетото Кралство почна да влегува во рецесија веќе ова лето и предвидува дека тоа ќе продолжи во текот на оваа година и првата половина на 2024 година, кога треба да се одржат општите избори.
Па, иако ова не е најголемиот економски пад забележан во Обединетото Кралство – може да биде најдолг од тешките 20-ти години на минатиот век кога рецесијата беснееше низ целиот свет, пренесува „Би-Би-Си“.
Канцеларот Џереми Хант рече дека „инфлацијата има големо влијание врз семејствата, пензионерите и компаниите, така што приоритет на владата е да ја ублажи што е можно повеќе“.
„Каматните стапки растат насекаде низ светот, додека земјите се обидуваат да се справат со цените кои почнаа драстично да растат поради пандемијата и руската инвазија на Украина“, рече Хант.