Доставата на купените од Бугарија борбени авиони-ловци Ф-16 Block 70 ги надмина договорените временски рамки и нема сознание кога во земјата ќе дојдат преостанатите 6 летала, пишува софиски „Медиапул“.
Бугарија досега доби два авиони Ф-16, а до крајот на годината треба да бидат испорачани сите осум воени машини, според првичниот договор со САД и производителот „Локид Мартин“.
Планот беше во јули-август да стигнат уште авиони, а во периодот септември-октомври да заврши процесот на испорака. Но, планот систематски не се почитува и не се знае кога ќе пристигнат машините. Исто така, во договорот нема клаузули за неисполнување, пишува „Медиапул“.
Бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов во одговор на пратеничко прашање од Ивајло Мирчев (ПП-ДБ) објасни дека не може да се дадат точни податоци. Тоа се должело на зафатеноста на авионите на ВВС на САД, коишто служат како авиоцистерни, за полнење гориво при лет. Тие се во ограничен број се користат интензивно за обезбедување на летовите над океанот. При неопходност, односно приоритетни задачи за Военото воздухопловство на САД, сите планирани летови за партнерските земји се помествуваат или се бришат.
Со задоцнување, во април и јуни во Бугарија пристигнаат првите два авиона F-16 Block 70. Првиот го помина техничкиот прием со огромно доцнење, поради технички проблеми.
Бугарија има очајна потреба од новите ловци, оти сега располага само со стари советски летала МиГ-29 за одбрана на својот воздушен простор. Нивното одржување, во практика, е невозможно, по војната на Русија против Украина.
Бугарија плати околу 5 милијарди лева (повеќе од 2,5 милијарди евра) за вкупно 16 авиони-ловци Ф-16.