Бугарската партија „Има таков народ“ најави дека ќе предложи декларација со која ќе се потврди ставот на Бугарија во однос на Македонија. За ова информирал заменик-претседателот на пратеничката група, Станислав Балабанов, пред новинарите во бугарскиот парламент. Тој посочил дека декларацијата ќе им биде презентирана на сите парламентарни групи.
-Ќе бидат споменати сите договори и елементи од Pреговарачката рамка, за да нема притисок однадвор од Бугарија и за да се направи сè што е можно кон РСМ и „нивниот пат кон ЕУ дa биде трасиран ако ги исполнат нивните услови за пристапување“, истакнал Балабанов.
-Во име на ИТН, ги повикуваме премиерот Росен Жељазков, претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Георг Георгиев да реагираат на темата и да го насочат своето внимание, додал Балабанов.
Причината за неговата изјава биле, како што пренесуваат бугарските медиуми, постапките на известувачот во Европскиот парламент за напредокот на Македонија и австриски европратеник, Томас Вајц.
-На конгрес во Ница пред околу две недели, Европската слободна алијанса усвои антибугарска декларација, вели Балабанов, додавајќи дека во документот се наведува дека Бугарија „врши геноцид на некој македонски јазик“.
Европската слободна алијанса (ЕФА) на Генералното Собрание одржано во Нант, Франција, усвои резолуција за заштита на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати, поднесена од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и ОМО Илинден Пирин. На Собранието бил разгледан извештајот за „Минимални стандарди за малцинствата во ЕУ“ од 2018/2036(INI), при што бил „разгледан фактот дека Македонците се староседелско население на територијата на Бугарија и Албанија и покажуваат посебни културни црти, одржуваат долгорочни и лојални врски со државата и се доволно репрезентативни, иако помали по бројност од остатокот од населението на таа држава“.
„Потврдено е пред сè дека Македонците се силно мотивирани да го зачуваат она што го сочинува нивниот заеднички идентитет, вклучувајќи ја нивната култура, нивните традиции и нивниот македонски јазик, потврдувајќи дека Македонците ги исполнуваат критериумите за малцинство според горенаведениот Извештај на ЕУ и дека Македонците се предмет на државно организирани систематски политики на асимилација, дискриминација и негирање на нивните човекови и малцински права“, велат од МАЕИ. Според истиот извор „ЕФА ги осудува бугарската политика на негирање на постоењето на македонската нација и блокирање на членството на Македонија во ЕУ“.
Бугарскиот пратеник, како што пренесуваат бугарските медиуми, исто така додал: „Не знам како ниедна државна институција не дошла до оваа информација, а да не реагирала. Уверен сум дека сите наши европратеници ќе сторат сè што е во нивна моќ“.
Тој навел и дека европратеникот Ивајло Валчев испратил писмо до претседателката на ЕП, Роберта Мецола, во кое наведува загрижувачки факти во врска со напредокот на извештајот и постапките на Вајц.
Лани во октомври, Вајц беше именуван за нов известувач на Европскиот парламент за Македонија. Тој доаѓа од Европските зелени, бил и копретседавач на Европската зелена партија.
Во февруари 2017 година, Вајц беше номиниран за член на одборот на Европската зелена партија и беше избран во март 2017 на конгресот на Глобалните зелени и Европските зелени во 2017 година во Ливерпул, како единствен австриски член на одборот на Европската зелена партија. На оваа позиција тој е одговорен, меѓудругото, за соработка со Зелените партии во Чешка, Словенија, Полска, Унгарија и Албанија и го поддржува развојот на зелени партии во Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Во јуни 2022 година тој беше реизбран на 35-от Совет на Европската зелена партија за копретседавач на ЕГП заедно со француската сенаторка Мелани Вогел од француската Европска екологија – Зелени.