На дел од најкритичните пациенти во странство им се влошила состојбата

од Nikola Popovski
3,K прегледи

Дванаесетмина повредени кои се лекуваа во болниците во Скопје се пуштаат на домашно лекување. Бројот на хоспитализирани во земјава падна под 30. Почна враќањето и на повредените од странство, но, на најкритичните им се влошила ситуацијата. Неколку западноевропски држави понудија подолгорочна рехабилитација – овие работи денеска ги истакна министерот за здравство, Арбен Таравари околу најновиот пресек со информациите за граѓаните кои беа повредени во пожарот во кочанската дискотека.

Што се однесува на состојбата на пациентите кои се лекуваат надвор од земјата, Таравари рече дека 4 до 5 пациенти се во сериозна состојба и дека кај некои има и влошување, но медицинските тимови вложуваат максимални напори за да ги спасат и подобрат нивните здравствени состојби. Тој информираше и дека хирурзи од Клиниката за пластична хирургија веќе се на пат кон Кочани за да не мора да доаѓаат пациентите со изгореници во Скопје.

-Веќе има понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилтација на потешките пациенти кои по неколку недели ќе се вратат во Македонија. Изразуваат подготвеност. Дополнително ќе известиме каде ќе бидат сместени тие пациенти, истакна Таравари на брифингот.

Центарот за изгореници била тема на што се разговарало и со премиерот Христијан Мицкоски.

-Имаме неколку можни опции каде што би направиле центар. Но, не дај Боже повторно да ни се повтори тоа и да имаме центар, повторно ќе згрижиме двајца, тројца или четворица пациенти. Колку за информација, во Градска општа болница имало центар до 2013 година, каде што имало два кревети. Значи, за двајца пациенти и замислете, ете, да го имавме тој центар, често го прашувате, повторно таму ќе можевме да згрижиме само двајца пациенти, ништо повеќе, рече министерот.

Слични содржини