На денешен ден  5 јуни c8b0b3b466947952822401f716bb4fb4

1723.- Роден е шкотскиот економист Адам Смит, кој заедно со Дејвид Рикард е најпознат претставник на англиската класична политичка економија. Неговата теорија за поделба на трудот во економската литература се смета за класична.

1819.- Роден е англискиот астроном и математичар Џон Кауч Адамс, професор на Универзитетот во Кембриџ, кој во 1845 година, врз основа на неправилностите во движењето на Уран, прв го одреди движењето и приближната положба на дотогаш непознатата планета Нептун. Откритието не го пријави благовремено, па славата за откривањето на Нептун во 1846 година му припадна на францускиот астроном Ирбен Леверје.

1826.- Во Лондон умре Карл Марија Вебер, германски композитор, творец на германската романтичарска опера. Компонираше и оркестарски композиции, камерна музика, кантати и друго. Роден е во Ојтин, на 18 ноември 1786 година.

1827.- Турските сили го зазедоа Акропол и влегоа во Атина.

1873.- Под притисок на Британците, султанот Занзибер Саид бин Баргаш го затвори занзибарскиот пазар на робови.

1878.- Роден е мексиканскиот револуционер Франсиско Панчо Виља, кој го предводеше селанското движење во Мексиканската револуција од 1910 до 1917 година. Беше убиен во 1923 година од страна на политичките противници во местото Идагло дел Парал, во мексиканската државава Чивава. Во 1966 година беше прогласен за мексикански национален јунак.

1883.- Роден е англискиот економист Џон Мајнард Кејнз, творец на таканаречената кејнжинска економија, за која е врзана целокупната современа макроекономија на Запад. Професор на Универзитетот во Кембриџ стана во 1908 година, а во 1912 стана уредник на највлијателното списание„Економски журнал“. Дела: „Расправа за парите“, „Ревизија на мировниот договор“, „Трактат за паричните реформи“, „Средства кон просперитет“.

1898.- Роден е шпанскиот писател, музичар и сликар Федерико Гарсија Лорка, еден од најголемите лиричари во 20 век. Дела: збирка песни „Цигански романсеро“, „Песни“, поемите „Канте Хондо“, “Плачот за Игнасио Санчес Мехијас“, драмите „Маријана Пинеда“, „Љубовта на Перлимплин“, „Крвава свадба“, „Јерма“, „Домот на Бернард Алба“.

1928.- Роден е англискиот филмски и театарски режисер Тони Ричардсон. Дела: „Забавувач“, „Светилиште“, „Вкусот на медот“, „Осаменоста на тркачот на долги патеки“, „Том Џонс“ (Оскар), „Госпоѓица“, „Морнарот од Гибралтар“, „Јуриш на лесната коњаница“, „Хамлет“, „Нед Кели“.

1944.- Кај селото Кушкулија, Струмичко, како заменик-командант на Вториот баталјон на Третата македонска НОУ бригада, учествувајќи во борбите против бугарскиот окупатор, загина Панче Пешев, македонски композитор и хороводител. Покрај другото, автор е на најубавата и најпопуларна македонска борбена песна од НОВ, Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“, за кој стиховите ги напиша писателот Ацо Шопов, борец во истата бригада. Роден е во Велес, во 1915 година.

1945.- Четирите сојузнички сили (СССР, САД, Велика Британија и Франција) ја презедоа врховната управа над Германија и, притоа, во Германија се создадени четири окупациони зони и формиран сојузнички контролен совет.

1947.- Државниот секретар на САД Џорџ Маршал го соопшти планот за финансиска помош на Европа која беше разорана во Втората светска војна. Со „Маршаловиот план“ беа опфатени 16 земји, а вкупната помош од 1948 до 1952 година изнесуавше 15 милијарди долари, од кои највеќе средства беа издвоени за Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Австрија и Турција. Овој план одигра и политчико-воена улога бидејќи стана еден од битните елементи на НАТО, основана во 1949 година.

1965.- Стејт департментот првпат јавно призна дека копнените сили на САД учествуваат во борбите во Јужен Виетнам.

1967.- Почна израелската вооружена агресија врз Египет, Сирија и Јордан. Овој, трет по ред, израелско-арапски судир траеше шест дена.

1972.- Во Стокхолм почна првата конференција на Обединетите нации посветена на проблемите за заштита и унапредување на човековата околина. На предлог на југословенската делегација, 5 јуни е прогласен за Светски ден на животната средина.

1975.- Суетскиот канал повторно е отворен за меѓународен сообраќај, освен за Израел, по израелско-арапската војна во 1967 година.

2000.- Американскиот претседател Бил Клинтон како прв лидер на една од значајните западни земји се обрати пред пратениците на руската државна Дума (Собрание).

2004.- Умре американскиот државник Роналд Реган, претседател на САД од 1981 до 1989 година, кој во младоста беше филмски актер. Како 40-ти американски претседател значително придонесе за ставање крај на ерата на студената војна со Советскиот Сојуз.

2005.- Швајцарските граѓани на два референдума го прифатија пристапувањето кон шенгенскиот договор со кој практично се укинати границите меѓу земјите-членки на Европската унија и се обезбеди слободен проток на луѓето и стоката. Тогаш беше поддржан и предлог-законот за „регистрирано партнерство“ на хомосексуалните парови.

2008.- Уставниот суд одби да ја укине забраната за носење исламски шамии на универзитет. Законските реформи кои во собранието ги протурка исламистичката Партија за правда и развој (АКП) се уставни – беше ставот на Уставниот суд на Турција. За одлуката гласаа девет судии, а двајца беа против. Секуларните структури во таа земја сметаат дека владината одлука да се дозволи носење шамии на универзитетите е доказ за тоа дека АКП сака во Турција да воведе шаријатски закони./МИА

Слични содржини