Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата Ф-Групација во Трубарево покажуваат зголемување на сите параметри од два до три пати од дозволеното, а јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.
Ова вчера на прес-конференција го истакна директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска, која заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, директорот на на Управата за животна средина Игор Никовски и Ректорот на УГД и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски информираа за првичните контроли и чекори кои се преземаат по катастрофалниот пожар во депонијата за електронски отпад.
-Во петок ќе знаеме какви тешки метали се дигнаа над Скопје, а од гасовите има прелиминарни резултати кај кои има надминување на дозволените вредности. Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво да се следи квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот, истакна Гиновска.
Директорката потенцираше дека до петок од акредитираната лабораторија ќе бидат достапни резултатите за мерењата за тешки метали во воздухот кои биле земени истиот ден кога избувнал пожарот, а дополнително кога ќе се создадат услови ќе се направи контрола на водата и почвата.