На ѕвездата на Ливерпул му се заканува казна поради Исус

од Марта Пешевска
268 прегледи

Минатиот викенд, Ливерпул ја обезбеди титулата шампион на Англија со убедлива победа над Тотенхем со резултат од 5:1, завршувајќи ја сезоната како лидер и играјќи најдобар фудбал во Премиер лигата. Сепак, победата на Ливерпул не беше без контроверзии, откако холандскиот напаѓач Коди Гакпо предизвика реакции по неговата прослава по постигнатиот гол за 3:1.

Гакпо го соблече дресот и ја покажа белата маица со натпис „Јас му припаѓам на Исус“, што предизвика внимание и дебати во јавноста. Овој потег потсетува на прославата на бразилскиот фудбалер Кака во 2007 година по постигнување на гол во финалето на Лигата на шампионите против Ливерпул. Но, проблемот не лежи во самата прослава, туку во правилата на Англиската фудбалска федерација.

Според регулативите на Фудбалската асоцијација (ФА), фудбалерите не смеат да истакнуваат политички, религиозни или лични слогани на својата опрема. Забрането е откривање на долна облека што носи политички, религиозни или лични пораки, освен логото на производителот. Прекршувањата на овие правила може да доведат до санкции за играчот и/или неговиот тим.

Во минатото, имаше слични случаи, како оној на Марк Гуехи, стоперот на Кристал Палас, кој на капитенската лента носеше пораки како „Го сакам Исус“ и „Исус те сака“. За тој прекршок, Гуехи доби само опомена, што може да биде и случај со Гакпо, но не е исклучено дека би можел да добие построга казна.

Слични содржини