На Германија и недостасуваат 180 илјади медицинари

од Milan1

На Германија до 2030 година ќе и недостигаат најмалку 180.000 вработени во медицинскиот сектор, а бројот на граѓани зависни од туѓа грижа ќе се зголеми на над шест милиони, еден милион повеќе од очекуваното, покажува истражувањето на здравственото осигурување Бармер, а кое денеска беше претставено во Берлин.

-Доколку се земе предвид зголемениот број на лица на кои им е потребна туѓа грижа и веќе акутниот недостиг на негуватели, можеме да кажеме дека Германија се движи кон драматична ситуација кога станува збор за медицинскиот сектор, изјави еден од директорите на Бармер, Кристоф Штрауб.

Околу шест милиони граѓани до 2030 година ќе бидат зависни од туѓа нега, што е за милион повеќе од досега пресметаната бројка, покажува истражувањето на Бармер. Трошоците за туѓа нега може да се зголемат од сегашните 49 на 59 милијарди евра годишно.

Од овие причини Штрауб побара итна акција од новата влада професијата негувател да ја направи попривлечна.

-Треба да добиеме што е можно повеќе луѓе за обука во секторот за медицинска нега, рече Штрауб.

Тој укажа и на проблемот со многуте негуватели кои ги напуштиле своите работни места за време на пандемијата.

Претседателот на парламентарниот клуб на партијата Левица во Бундестагот, Дитмар Барч, предложи итна програма за враќање на негувателите кон нивната основна професија.

Слични содржини