На Гвардиола му требале 50 играчи во Сити!

од Vladimir Zorba
34 прегледи

Актуелниот шампион на Англија, Манчестер Сити е во огромна криза.

Во пресрет на „Boxing Day“ (ден по Божиќ според Грегоријанскиот календар), „Граѓаните“ се на седмото место на табелата во Премиер лигата со 12 бода помалку од лидерот Ливерпул.

Сити претрпе три последователни порази, а пошироката слика покажува дека има забележано дури девет порази на последните 11 натпревари.

„Граѓаните“ ќе имаат шанса да ја прекинат серијата порази на 26 декември против Евертон.

Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола откри дека тимот ќе тренира на „Boxing Day“ и Божиќ. Причината е токму натпреварот против „сините“ од Ливерпул.

Каталонецот потоа се пожали на напорниот распоред.

„Имаме повеќе повреди од било кога и мислев дека ми треба состав од 45 до 50 играчи. Тоа би била поскапа опција, која би се почувствувала во текот на летото, но можеби се потребни бројки во играчкиот кадар. Распоредот е проблемот, а не физиотерапевтите, лекарите или играчот“, изјави Гвардиола по натпреварот со Манчестер Јунајтед на почетокот од овој месец.

„Проблемот доаѓа од сите нас“

Дел од вината за кризата презеде и најдобриот стрелец на Сити, напаѓачот Ерлинг Халанд.

Норвежанецот веќе подолго време не може да ја најде вистинската голгетерска форма. Минатата сезона постигна 27 гола на 31 натпревар во Премиер лигата, а претходната сезона постигна 36 гола на 35 настапи. Оваа есен неговиот настап беше значително послаб и на 17 првенствени натпревари постигна само 13 гола.

„Прво се обвинувам себеси. Не ги искористив шансите. Морам да бидам подобар, не сум доволно добар“, изјави Халанд по последниот пораз, од Астон Вила минатиот викенд.

Сепак, Гвардиола не го обвинува падот на формата на напаѓачот.

„Проблемот доаѓа од сите нас, а не од еден играч. Кога дававме голови во минатото, а Ерлинг беше стрелец, тоа беше и благодарение на тимот. А кога имате проблеми во одбраната, во средината, тие се проблеми за сите, тоа е тимска работа, а не работа на еден играч. Би било премногу лесно ако само еден играч е одговорен“, рече Гвардиола.

Сити во четврток од 13 часот и 30 минути го пречекува Евертон во 18. коло од Премиер лигата.

Слични содржини