Бројот на гласачи во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора ќе биде поголем за 1.445 во однос на првиот круг, соопшти тамошното Министерство за внатрешни работи.
Во избирачкиот список на Црна Гора, според кој изборите се одржаа на 19 март, имало 542.154 гласачи, додека според ажурираните податоци има 543.599, пренесува порталот РТЦГ.
„Увид во избирачкиот список избирачот може да оствари лично, на шалтерите на подрачните единици и подрачните единици за управни работи, државјанства и странци на ова Министерство, секој работен ден (од понеделник до петок) од 8 до 14 часот, со важечка лична карта или патен документ (пасош), освен во Подрачната единица за управни работи, државјанство и странци во Подгорица, каде увидот во избирачкиот список може да се врши на горенаведениот начин во периодот од 08:00 до 17:00 часот“, соопшти црногорското МВР.
При непосредниот увид избирачот може да побара промена на податоците внесени во избирачкиот список.
Вториот круг од претседателските избори во Црна Гора ќе се одржи на 2 април.