На Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор, одлучи Судот во Стразбур

од Nikola Popovski
126 прегледи

Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврдил дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор.

Влатко Илиевски, полномошникот на Миле Јанакиески пред Европскиот суд за човекови права, информира дека Европскиот суд за човекови права денес објавил пресуда за утврдена повреда на правото на слобода на поранешниот министер за транспорт и врски, загарантирана со член 5 од Европската конвенција за човекови права.

Станува збор за случаи во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“.

Судот утврдил недостиг на доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено разгледување на жалбите кои се поднесувани за притворите.

Европскиот суд прифатил и дека Јанакиески претрпел штета поради незаконските притвори. Одредена му е отштета од 3 900 евра.

Јанакиески веќе има одлежано речиси пет години притвор за разни предмети. Во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“.

Слични содржини