Иако остануваат помалку од 2 месеци до крајот на 2023 година, рок кој беше определен како краен за изградба на автопатот Кичево-Охрид со третиот Анекс кон договорот, се уште нема најави дека ќе се стигне. Уште повеќе е поразителен фактот што следната недела изминуваат цели 10 години од потпишувањето на Договорот за изградба на автопат помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“ која е изведувач. Премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека целиот проект ќе оди на ревизија, а не ја исклучи можноста и да се раскине договорот, што според дел од јавноста е зачудувачки потег. Останува дилемата дали поради евентуалното негово раскинување, државата би плаќала пенали, кон кинеската компанија, но и дали и која би била новата компанија која би се нафатила да го изгради.
Кои се најголемите проблеми зошто автопатот не е завршен?
Како главни фактори кои негативно влијаат врз изработка на сите големи инфраструктурни објекти во земјава експертите ги посочуваат: Проектната документација, дополнителните работи заради недостатоци во неа, препроектирањето, експропријацијата и законската регулатива. Главниот проблем за овој автопат е во проектирањето, односно дека кај нас немаме добри проектански куќи, дознава „Локално“ од свои извори кои имале увид во целата документација. Не веруваат во раскинување на договорот и пеналите, туку повеќе во притисок.
-Апсолутно не е интенцијата „Бехтел и Енка“ да ја преземат изградбата на автопатот Охрид-Кичево доколку Владата го раскине договорот со кинеската компанија „Синохидро“. Ниту еден директор или министер не сака да прекине проект на средина затоа што е ѓаволска работа повторно да направиш пресек и повторно тендер. Грешките тогаш беа 90% на државата, а 10% кај Кинезите – тие имаат грешка што почнале шест месеци подоцна откога што кажале дека ќе почнат. Тоа е единствениот пенал што можеме ние да го наплатиме. Тогаш имаше тотално потреба од 74 претпроектирања заради свлечиштата и шумите, вели изворот.
Познато е дека пред да биде потпишан последниот Анекс бр. 5 во 2021 година кон Договорот, според кој се утврдува рокот за завршување на работите на оваа делница на 31.12.2023 година, без никакви дополнителни финансиски импликации по Буџетот на Република Северна Македонија, процентот на претпроектирање е завршен и процентот на експропријации е завршен, што значи дека „Синохидро“ и нејзините подизведувачи немале пречка да работат на терен.
-Последната година зошто турбо не работат, туку само работат е вина на Синохидро, но и на нашите подизведувачи – посебно делот на „Илинден“ после Кичево кон Струга. Има отворен фронт и може да се работи. Предлогот на „Гранит“ бил да се пушти едната траса целосно и едната цевка од тунелот и целиот пат да функционира како една траса додека се завршат другите. „Синохидро“ треба да му ја земе на „Илинден“ затоа што не си презел обврски, не информира изворот за нашата редакција.
Според информациите, во земјава не постои големи и сериозни фирми кои можат само да изградат големи проекти.
-Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вика дека тој кога ќе дојде на власт, ќе ги довршел Коридорите што ги прави „Бехтел и Енка“ ама со домашни фирми – нема теорија од такво нешто. Нема домашна фирма која може да гради такви патишта, немаме домашна фирма за тунели. Невозможна мисија. Во регионот има само три фирми – Бехтел и Енка, Штрабак и евентуално Актор, посочува соговорникот кој сакаше да остане анонимен.
Истакнува дека подизведувачите се на „Синохидро“, тие ја добиле работата и они треба да ги бркаат. Сепак тврди на кинеската компанија ѝ одговара ситуацијата вака како што е.
-За жал мора да бидеш страшило и да им стоиш на глава. Тие викаат дека работат со 300 багери, 200 булдожери и 500 вработени, викам добро – после три дена одам таму, гледам ги нема. Следува плаќање пенал.
Околу плаќање немаше проблем – таму има квота, не можеш секој ден фактурички да плаќаш. Мораш да постигнеш, на пример пет милиони евра и фактурираш. Значи „Синохидро“ собира изведување од подизведувачите и него и доставува фактура до ЈПДП. Надзорот прво мора да одобри ако е во ред согласно книгите, потоа ЈПДП ја доставува до Министерството за финансии и потоа до кинеската банка Ексим. Проблем со плаќање нема за да се влечат на тоа како проблем, потврдија за нашата редакција.
Голема грешка ако се раскине договорот со изведувачот
Поранешниот министер за транспорт и врски и актуелен пратеник во Собранието, Љупчо Балкоски е дециден дека Владата ќе направи грешка ако го раскине договорот. Во разговор за „Локално“ порачува дека ако навистина сакаше да преземе нешто за да се преземе автопатот, Владата можеше да го раскине договорот во 2018 година кога се направи првиот Анекс или кога се формираше новата Влада во 2017 година и да се направи пресек.
-Можеше да се раскине и пред последниот Анекс во 2021…ДЗР има поднесено документи уште претходно дека може и да не се стигне со изградба до 2023 година. Најголемите проблеми се во организацијата, немање координација меѓу проектантот, инвеститорот (Владата), Министерството за транспорт, ЈПДП и надзор. Во Законот за градба е утврдено која е улогата на секого. Некоординацијата направи 10 години да се влече изградбата на автопатот од 60 километри и сега да достигне вредност од 600 милиони евра од 378 на почетокот. Не може координација еден месец пред истекот на рокот. Не може сега Владата да каже нешто, кога имаме надзор – тој треба да каже. Според Законот за градба, Владата е само како инвеститор, не е ниту изведувач и не може да биде проектант. Ние никаде не го видовме надзорот и не знаеме кој е. Како јавност, не видовме ниту еден состанок со „Синохидро“. Владата или Министерство требаше да ја повика и да каже. Можеби има проблем и изведувачот, речиси и да не знаеме ништо. Немаме видено какви проблеми има изведувачот и со што се соочува, оценува Балкоски.
Смета дека би била огромна штета за државата доколку се прекине договорот со Кинезите. Соговорникот порачува дека Владата треба заедно со Градежниот факултет, Друштвото за патишта, Комора на овластени архитекти и инженери, Министерството за транспорт и врски, Комисијата за транспорт во Собрание, ЈПДП и сите вклучени да направат суперревизија и пресек.
-Тоа да биде во тек, никако да не се раскине договорот, најстрашно ќе биде за државата. На изведувачот и надзорот да им се дадат детални рокови и секојдневни извештаи да поднесуваат. Овие работи им се познати на градежниците, не е непозната работа. Владата треба да прифати совети од стручни лица, а не дава вакви изјави кои што ќе нанесат штета, односно треба да се запрашаме дали сакаат на некој друг изведувачот да го дадат проектот и на кој, заклучува поранешниот министер за транспорт и врски.
Моментално тече третиот предвиден рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид, што почна да се гради во 2014 година. Според договорот, по 57 километри нов автопат требаше да се вози уште во 2018 година. Бидејќи дотогаш работите не беа ни до половина, со анекс се продолжи рокот до 30 јуни 2021, но, и тој се промаши, па повторно со анекс се предвиде нов, 31 декември 2023 година. Цената на градежните работи останува иста, 598 милиони евра, или над 10 милиони евра по километар. Ако се гледа основниот договор, досега се изградени 90 проценти од автопатот. Но, според анексот со кој се предвидоа и дополнителни работи реализацијата е 62 проценти.
Н.П.