На кого не му одговара укинување на балансерот: „ВЛЕН би немала веќе влијание врз идните вработувања, па за секое работно место ќе треба да се пазари со коалиционите партнери“

од Nikola Popovski
290 прегледи

Деновиве повторно е актуелно прашањето за укинувањето на балансерот при вработувањата во јавниот сектор. И додека со него се обезбедува правична застапеност на етничките заедници, моделот често беше и се уште е предмет на критика, со оглед дека имаме случаи каде што Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, но и припадници на други етнички заедници. Идејата е да се промени методологијата при вработувањето и определена етничка припадност да не може да се смени за потребата на некој конкурс. За почеток, ќе се користат бројките од последниот попис и калкулацијата ќе се прави врз основа на резидентното население, а не на вкупно попишаното.

Аналитичарите сметаат дека алатката треба да продолжи да се користи, иако од Владата најавуваа укинување во фази, а според неодамнешните зборови на министерот Горан Минчев засега останува. Според поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите, Никица Корубин, Охридскиот рамковен договор е составен дел на Уставот, а согласно на тоа и механизмите за негова примена. Во разговор за „Локално“ вели дека така треба да се набљудува и механизмот на балансерот.

Никица Корубин

Според неа, неговото проблематизирање, „на ваков паушален и политикантски начин, претставува директно проблематизирање на Охридскиот договор и самиот Устав, а бидејќи тој е и составен дел од стратешката ориентација и определба на државата, ЕУ и НАТО и самиот западен свет; автоматски ја таргетира и стабилноста на државата“.

-И притоа сите забораваат на суштината на Охридскиот договор во делот на правичната застапеност во сите институции на државата, а која се одвива токму преку балансерот во администрацијата. Балансерот ли е виновен за првичната партизација на администрацијата од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, потоа само надоградена од страна на ДУИ или ВЛЕН сеедно, па таа да се доведува, манипулативно во врска со балансерот? Не е битна промената во наративот во владата, се’ додека нема суштинска промена, на разбирање, почитување и спроведување на сите стратешки интереси на Северна Македонија. Охридскиот договор е еден од столбовите на стабилноста и правичноста, за сите граѓани и таков третман треба и да има. Решение на проблемот кој можел да се избегне, а не воскреснување на проблемот преку негово константно дезавуирање, посочува Корубин.

Ако се погледне моменталниот политички контекст, паузирањето на идејата за укинувањето на овој механизам создава услови за компромис и примирје со ДУИ во пресрет на гласањето на измените на Законот за локална самоуправа за кои парламентот веќе расправа и за кои е потребно двотретинско мнозинство кое Владата го нема. За Корубин, прагмата во политиката не е непозната работа, а во однос на измените на Законот за локална самоуправа и престанокот на мандатот на неколку градоначалници кои преминаа на други функции, таа вели дека е прифатлива во моментов и за ДУИ, поради нивниот интерес.

-Политички интерес, кои тие вешто го искористија и во однос на поддршката за неколкуте нови министерства, во кои, барем појавно, се наметнаа како гаранти и на балансерот. Оттаму, според мене, главното прашање е дали смее воопшто, на прашања кои се клучни и кои ја дефинираат самата држава, внатре и кон меѓународната заедница, а се дел од преговарачката рамка и стратешкото партнерство со САД; како што е и Охридскиот договор, но и Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија; воопшто да има било какви “пазарења”? Тоа е всушност “пазарење” со стабилноста и функционалноста на самата држава, заклучува поранешната пратеничка во Собранието.

Аналитичарот Даут Даути смета дека останувањето на досегашниот механизам со кој се одредуваа „квотите“ на правичната застапеност во државната администрација,треба да се поздрави, за разлика од најавата за ургентно укинување на „балансерот“, без соодветна алтернатива како ќе се заштити рамковното(не само рамковното) право за рамноправна, правична, соодветна, или било како да ја наречеме, застапеност во администрацијата. Истакнува дека новата власт имаше подготвеност и можеби и взаемна согласност да се укине поради низа пропусти во минатото, особено поради злоупотребата преку лажно изјаснување, но тоа беше преку избрзани изјави.

Даут Даути

Според Даути, моделот беше добро замислен, но не добро осмислен во нејзината техничка реализација.

-Едната слаба страна беше што со изјаснувањето на етничката припадност не беше условено со валиден документ од државен орган (Државен завод за статистика или МВР), што оставаше простор секој како сака да се изјаснува, и тука партиите, и македонски и албански, го користеа своето влијание во одредени државни институции да примаат такви кандидати.

Втора фалинка беше што при вработувањето во администрација, се поаѓало од нулта-позиција, без да се земе предвид општата етничка структура, што бараше подолг период за постигнување на соодветната застапеност.  Во овој контекст имаше и вработувања во зависност од тоа кој бил на раководна позиција.

Трета работа е што не се предвидени исклучоци на одредени специфични инситуции од културен, научен, или образовен карактер, па и таму каде што потребата е од речиси стопостотен „чист“ кадар, морало да изигрува некој конкурс „лажњак“.

Така медиумите пишуваа како на некои работни места каде што бараа Македонци, кандидатите  Албанци се изјаснуваа како Македонци, каде што се бараше Албанци,Македонците се изјаснуваа како Албанци, или некои други им ги земаа местата на Ромите, Турците, Србите, или па тие се уфрлуваа во нечија друга „кожа“, наведува Даути.

Соговорникот е дециден укинувањето без понуда на подобар модел кој ќе ги спречеше ваквите ситуации, ќе беше погрешна политичка одлука, која ќе одеше на штета не само на Албанците како најзасегнати, туку и на коалицијата ВЛЕН, која е под големи критики за попустливост и губење на позициите на Албанците.

-Овие работи мора да се имаат предвид во идниот модел, без разлика како би се нарекол. Погрешно би било укинувањето без таква алтернатива, бидејќи многу граѓани ќе бидат ускратени за едно уставно загарантирано право, објаснува Даути.

Тврди дека притисоците на ДУИ за балансерот се оправдани поради горенаведените аргументи, така што тоа беше силен сигнал и за ВЛЕН да не се откаже така лесно од него, особено поради намера и на одредени политички и медиумски, интелектуални, академски кругови кои преку укинувањето на „балансерот“ сакаат да ги вратат работите назад, или ако сакате, да ги постават на за нив змислениот процент на присуството на Албанците  под 20 отсто, иако и во последниот попис се покажа дека Албанците во вкупното население учествуваат со околу 30 отсто(резидентни околу 25 отсто).

-За ВЛЕН тоа би било голем хендикеп, особено и поради првите знаци на „терен“ каде што се случуваат некои вработени Албанци со договор да бидат отпуштени наводно заради тоа што институцијата веќе нема потреба од нив, а веднаш потоа се примаат други, но Македонци.

Без балансерот ВЛЕН би немало веќе никакво влијание врз идните вработувања, па за секое работно место ќе треба да се пазари со коалиционите партнери!

Друг аргумент кој се користи е дека ДУИ „вдомил“ партиски „неквалификувани“ кадри, како да се активистите на другите партии кои истовремено со ДУИ ги вработуваа своите кадри, биле способни и квалификувани. Да не навлегуваме понатаму во експликација на манипулативноста на ваквата теза.

Дали има политичко пазарење со ДУИ немам информации, но ако има, добро би било власта и опозицијата да не бидат исклучиви цело време, туку понекогаш да прават компромиси. Без разлика од какви причини се прават компромисите или пазарењата, добро е граѓаните да добијат некој позитивен сигнал како одраз на политичка култура, заклучува аналитичарот.

Горан Минчев

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев останува на ставот дека балансерот треба да биде укинат, но топката ја префрлува на Уставниот суд. Во вчерашното интервју за „Локално“ појасни дека дигиталната алатка ја губи својата намена за која е создадена и дека оваа ситуација е нотирана и во скрининг извештајот на Европската комисија.

-Во Законот за вработени во јавниот сектор е децидно наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници. Таа се однесува исклучиво за населението кое што живее на територија на Република Северна Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година. Морам да истакнам дека по моето стапување на функција како Министер за Јавна администрација, затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници не беше во законски рамки. На моја иницијатива, таа аномалија е отстранета, формулата за пресметка е сменета, и во овој момент се спроведува.

Што се однесува до иницијативата доставена до Уставниот суд за оценка на уставноста и законитоста на “Балансерот” можам да кажам дека тогашното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) доставило мислење по однос на истата. Останува одлуката да ја донесе Уставниот суд, а ново формираното Министерство за Јавна администрација, ќе ја почитува одлуката, без оглед во која насока ќе биде таа донесена, рече меѓу другото првиот човек во ресорот јавна администрација.

Н.П.

Слични содржини