Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе биде заменик генерален секретар во НАТО, објави Алијансата. Таа е првата жена од западен Балкан која доаѓа на висока позиција во НАТО, а функцијата треба да ја преземе најдоцна до крајот на годината. По објавата, Шекеринска на социјалните мрежи напиша дека ќе и биде привилегија да работи за доброто на Алијансата. За новиот генерален секретар беше приоритет пополнувањето на заменичкото место, откако се повлече вршителот на должноста Борис Руге. Преовладуваше ставот дека ова место треба да го добие земја од Централна и Источна Европа.
Голем број позитивни реакции во домашната јавност, но и надвор предизвика назначувањето на екс-министерката. Сепак, се поставува прашањето дали и на кој начин ова ќе ѝ помогне на Македонија и дали се очекува некаква промена во положбата на земјава, особено во европскиот пат. Дел од познавачите на состојбите истакнуваат дека ретко се наоѓаат во европската надворешна политика личности како што е Шекеринска. За причините за нејзината нова функција во НАТО, поранешниот амбасадор во НАТО и дипломат од кариера, Нано Ружин вели дека пред се поради тоа што од партиите од левиот блок се послабо претставени во НАТО, тука е и половата еднаквост, но и интелектуалната способност и сите елементи што ги поседува поранешната министерка.
-Тоа е големо признание за неа, но, исто така и за нашата држава во моменти кои што се напнати во делот на геополитиката. Досегшната политика и стратегија на сите оние поединци и државата кои што придонеле во развитокот на НАТО и евроатлантскиот пат е признание за сите нив. Ова е добра вест и за европските амбиции на Македонија бидејќи голем број од експертите на алијансата се исто така и експерти во ЕУ. Воедно самата Шекеринска во улога на заменик-генерален секретар ќе има значајна лобистичка позиција и затоа тоа е придонес и кон овие прашања и лобирањето за нашиот полесен пат кон европското семејство. За прашањето со Бугарија е немоќна бидејќи тоа е институција во прашање, а не се лични контакти, објаснува Ружин во разговор за „Локално“.
Според него, нејзината улога ќе биде повеќе од политички аспект бидејќи заменикот на Руте е политичка личност и ги следи настаните.
-Повеќе е насочена кон политиката на алијансата на одредени простори и ги дели позициите кои што ги поседува генералниот секретар. Учествува на сите состаноци на алијансата како втор човек. Верувам дека нејзиниот избор не е случаен. Веројатно безбедносните информации за Шекеринска се мошне позитивни, дека е проевропски и проатлантски ориентирана и секаде каде што не може да стигне генсекот, таа ќе оди наместо него. Често и двајцата заедно одат на разни средби, пред се мислам по државите-членки, но и државите аспиранти, во напнатите простори како Косово, БиХ…Убава вест е што од оваа средина конечно алијансата ќе има висок функционер и мислам дека со успех ќе го изврши, потенцира соговорникот.
Како што објавија дел од западните медиуми, конкуренција на Шекеринска ѝ беше поранешната бугарска премиерка, Марија Габриел. Дел од бугарските медиуми со неверување пишуваа за именувањето, иако бугарскиот претседател Румен Радев беше еден од странските политичари кој ѝ честиташе на поранешната претседателка на СДСМ.
-Не би го нарекол ова за „мала победа“ на Македонија над Бугарија. Софија има неколку функционерки во меѓународните институции. Тоа не е никаква победа, тоа е само логичен след на настаните. Нема конкуренција, не е како во внатрешната политика – се земаат во предвид сите аспекти кои ги оценуваат одговорни тимови и луѓе кои што ги хранат со информации тие што одлучуваат во НАТО, како постарите земји-членки и основачи. Да не беше Преспанскиот договор и да не го решевме проблемот со името, Шекеринска немаше да биде на оваа функција и ние немаше да биде дел од алијансата. Ова е омаж и за сето тоа што нашата држава го правела како жртва, политика и стратегија во изминатите повеќе од 30 години како независни, тврди Ружин во разговорот.
За долгогодишниот политичар и поранешен претседател на Собранието, Тито Петковски, гледано од денешна призма за состојбата во Македонија и нејзините напори и борбата за наше етаблирање во меѓународната заедница, во подобар момент не можеше да се случи едно вакво признание. Петковски за Шекеринска вели дека е упорен и доследен борец во изградба на институциите на државата, особено во безбедносниот сектор и надворешната политика.
-Шекеринска може да одговори со успех. Можеби една од највисоките позиции кои што некој Македонец ја имал. Тврдам дека не сме имале подобро меѓународно етаблиран политичар од тоа што е Шекеринска. Ужива меѓународен углед долги години наназад. Не сме свесни што тоа значи. Каков човек добиваме на таква истурена позиција и во лобирањето за нашите аспирации за ЕУ, истакнува Петковски.
Ако гледаме низ призма на тоа како се однесуваат политичките конкуренти на јавната сцена во земјава, додава поранешниот политичар, не би ме зачудило да молчат за ова. Според него, сегашната власт има силно оружје во рака и треба да го искористи пред ЕУ оти ова е признание и за Македонија.
-Не случајно американската амбасадорка му честиташе и на премиерот. Ако видите во каква конкуренција Шекеринска ја доби номинацијата…
Мене ми е очекувана реакцијата од Бугарија бидејќи не признава Македонија, нација и идентитет и одеднаш Македонка станува втор човек на НАТО… Знаете каква е тоа победа на Македонија и удар за Бугарија. Тоа ќе значи друг аспект на македонско-бугарските односи. Шекеринска не ја претставува само Македонија во НАТО. Таа политика на НАТО мора да се рефлектира насекаде. Ова може да се искористи за силен продор на Македонија. По ова, нема никаква дебата и дискусија во ЕУ кои сме, што сме, дали имаме право, свој јазик…Готово, завршена работа е, заклучува Петковски.
Информацијата за именувањето на Шекеринска први ја објавија од најголемата воена алијанса.
-Среќен сум поради објавата за назначувањето на Радмила Шекеринска за иден заменик-генерален секретар. Таа навистина верува во НАТО, ја знае работата која е неопходна за приклучување на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Ќе работам со неа по преземањето на виталната позиција, сподели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Изборот на Шекеринска го поздрави и американската амбасадорка Анџела Агелер, која воедно му честиташе и на премиерот Мицкоски за тоа што застанал зад нејзината кандидатура.
-Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик генерален секретар на НАТО и до Христијан Мицкоски и до Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД, напиша Агелер на социјалните мрежи.
Во март 2020-та година кога се ратификуваше пристапувањето на земјава во НАТО, Шекеринска беше министер во за одбрана. Таа по речиси две децении се повлече од македонската политичка сцена, во декември 2021-ва година, откако СДСМ ги изгуби локалните избори.
Н.П.