Лицата кои извршија вооружен напад врз полициски пункт на влезот на дворецот Долмабахче во Истанбул, најверојатно се членови на лево-екстремистичката група Револуционерна партија и фронт за народно ослободување (ДХКП-Ц), соопшти турската полиција, цитирана од агенцијата Анадолија.
Се смета дека тие го извршиле и нападот врз седиштето на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во квартот Бејоглу во Истанбул на 8 август, соопшти истанбулското валијство.
Полицаец беше полесно повреден во денешниот напад врз полицајците на влезот во дворецот Долмабахче, каде се наоѓа канцеларијата на премиерот.
Напаѓачите фрлија рачна граната и пукаа врз полицајците за заштита на Долмабахче, се вели во пораката на валијството на Истанбул, цитирано од американските медиуми.
Полицијата уапси двајца напаѓачи во област во близина на палатата и заплени од нив две рачни гранати, автоматски пиштол и големо количество муниција, е наведено во соопштението.
Засега не се јасни мотивите на напаѓачите. Полицијата трага по уште еден напаѓач, информира агенцијата Анадолија.
Силите за безбедност започнаа истрага за нападот пред Долмабахче што е втор ваков напад од јануари оваа година, кога вооружено лице фрли граната и пукаше на полицијата пред палатата, наведува агенцијата Анадолија.
