На кому да му се верува: „Мистериозни“ анкети го креираат политичкиот вкус на гласачите

од Берта Китинска
492 прегледи

Во изминативе денови се објавуваат анкети за популарноста на политичките партии пред парламентарните избори на 15 јули, кои имаат непроверени извори. Ова е начин да се влијае на јавното мислење, а гласачите тешко ја забележат разликата помеѓу лажни и вистински анкети.

Се објавуваат анкети без реална поткрепа, без запазување на законските елементи: нарачател, извршител, методологија.

Сепак кои се нарачателите на анкетите, за чии резултати се борат двете завојувани страни?

Една од последната анкети спроведена од Институтот БИПС (за истражување во областа на безбедноста и демократизацијата на човековите права и слободи) вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 54, а СДСМ – 47 посто гласови на престојните избори. Институтот БИПС  нема официјална страна, своите анкети и истражувања ги објавува на својот Фејсбук профил.

Пред неколку дена излезе анкета која според објавата беше напишано дека е од почитувана американска агенција за мерење на јавното мислење „Мклафлин“ една од најрелевантните анкети и е спроведена од Џон Мклафин близок соработник и човек од доверба на Доналд Трамп. Мклафлин пишува дека во изминатата година тој соработувал со ВМРО-ДПМНЕ. Посочува дека само што биле готови резултатите од анкетите за изборите на 15 јули кои покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи во 5 од 6 изборни единици.

Денес пак беше објавена анкета од страна на Стратум Р&Д во која се покажува дека Коалицијата СДСМ и БЕСА се перципира од граѓаните како победничка коалиција и има стабилна предност (31%) во однос на ВМРО-ДПМНЕ (27%) пред вонредните парламентарни избори на 15 јули.

Стратум Р&Д спровела сопствена телефонска анката на репрезентативен примерок од 900 испитаника (150 испитаника по Изборна единица) во периодот на првата недела од јули односно од 1ви до 6ти јули 2020. Испитаниците биле бирани на фиксни телефони во домовите со удел од 60%, а 40% согласно запазување на квотите за репрезентативност на примерокот беа бирани на мобилни телефони. Стратум Р&Д и како погоре наведените агенции нема своја официјална страна за приказ на собраните анкетни податоци.

„Фирмата „Стратум Рид ДООЕЛ Скопје“ чиј сопственик Весна Кузмановиќ која добила грант, иако била ангажирана од Фондот да биде консултант да им ги пишува предлог проектите на другите фирми кои што аплицирале. Тоа значи дека ем била ангажирана да помага во пишување проекти за други фирми кои конкурирале за грант од Фондот, ем добила грант за сопствената фирма“, напиша неодамна портпаролот на ВМРО-ДПНЕ, Димче Арсовски.

Се крена и „врева“ за неодамнешната анкета на БРИМА Галуп. Според неа, СДСМ и БЕСА имаат предност од 6.2% пред ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето за која политичка партија или коалиција ќе гласате доколку денеска се одржуваат парламентарните избори 18,7% од граѓаните одговориле дека би гласале за оваа партија.

На второ место е ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 15,1% од граѓаните. Разликата е 3,6 отсто во полза на СДСМ. Следува ДУИ со 8,2% поддршка, зад неа се наоѓа Алијансата за Албанците со 4,9%, додека движењето БЕСА иако на овие избори настапува заедно со СДСМ има одделна поддршка од 2,6%. Доколку овие проценти се додадат кон поддршката на СДСМ, разликата меѓу коалицијата СДСМ-БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде 6,2% во корист на Коалицијата предводена од Зоран Заев. Други партии кои се појавуваат на анкетата се Интегра со поддршка од 1,3, Левица со 1,2% и ДПА со 0,6.

Порталите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на наводи на новинарот од Алфа, Горан Момировски, објавија дека таква анкета не постоела и дека истата била измислица на „провладините медиуми“.

„Нова ТВ објави анкета на Брима Галуп според која СДСМ и БЕСА се во предност, и тоа имаше некоја фантастична бројка од 6,2 проценти. Ако се следи законот според оваа објава на Нова ТВ против нив треба да биде поднесена соодветна пријава бидејќи не го почитуваат членот 73 од изборниот законик. Во оваа анкета нема кој е нарачател, ниту кој ја платил анкетата, ниту има колкав е примерокот, кој ја спровел анкетата, само вели Брима Галуп и другото пропаганда класична дека СДСМ и БЕСА заедно водат со 6,2 проценти“, вели тој.

БРИМА сепак излезе со демант, велејќи овие податоци, кои се во нивна сопственост, ги нудат на потенцијални клиенти кои се заинтересирани за нив.

– Истражувањето во јунскиот бран се спроведе од 5 до 14 јуни 2020 со телефонска анкета (CATI) со национално репрезентативен примерок N= 1174 испитаници на возраст 18+ години. Понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување. Наводите дека БРИМА воопшто не спровела анкета не се точни, изјавија од агенцијата вчера.

ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник на изборите закажани за 15 јули, а Христијан Мицкоски е со најголема доверба кај граѓаните меѓу политичарите покажуваат пак податоците од најновата анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) спроведена во периодот од 2  јули на 1.087 полнолетни испитаници во Македонија.

Според дадените одговори на граѓаните, за ВМРО-ДПМНЕ на изборите ќе гласаат 21.9 проценти од анкетираните, додека за СДСМ 19.8.

Во албанскиот блок за ДУИ би гласале 5.9 проценти од испитаниците, за Коалиција АА и Алтератива 4.2 отсто. Левица, од анкетираните граѓани, поддршка добила од 1.9 проценти. Не знаат/не сакаат да дадат одговор на ова прашање се 17.1 односно 16.4 проценти од анкетираните граѓани.

Зад ИПИС сепак стои добро познато име на јавноста. Програмски директор таму е Владимир Божиновски, политички аналитичар чиј глас пред две години се слушна и во две таканаречени „бомби“ кои беа пуштени во судница за предметот „Титаник“. Во разговорите се слушна како Божиновски разговара со ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, токму за анкета која ја спроведувал преку ИПИС.

Разговорот од 30 мај 2011 година, во кој Божиновски му вели на Јанакиески дека проблем за изборите во 2011 година е четвртата изборна единица, според анкетата што тој ја спровел. Во разговорот Божиновски додава дека е можно да има и грешка во анкетата од +/-3%, но дека следниот ден ќе ја повтори анкетата.

Во 2017 година, пак, истражувачката мрежа БИРН објави текст во кој според документите што новинарите ги добиле се гледа дека ИПИС само со Министерството за труд и социјална политика има склучено договори во вредност од речиси половина милион евра за периодот од 2012 до 2017 година.„Повеќе од 600 000 евра од три државни институции има земено Институтот за политички истражувања (ИПИС) во периодот од 2011 до 2017 година за истражување на јавното мислење, покажуваат документите што ги поседува БИРН. Овој институт во јавноста често беше застапуван преку Владимир Божиновски, кој во јавните настапи редовно ги бранеше ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите на ИПИС за рејтингот на политичарите секогаш одеа во корист на поранешната владејачка структура“, напишаа од БИРН.

Коалицијата СДСМ и Движењето Беса за 4% се во предност пред Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на предвремените парламентарни избори, покажуваат резултатите од анкетата на реномираниот институт ИФЕС. За Коалицијата Заев – Касами се изјасниле 20 проценти, а за Коалицијата предводена од Мицкоски 16 отсто.

Изненадувачки, за прв пат од појавата на политичката сцена ДУИ има помал рејтинг од опозицијата од албанскиот блок, овој пат претставена преку Коалицијата на Алијанстата на Албанците и Алтернатива. За партијата на Ахмети се изјасниле 5.9 отсто, што е за 0.3 помалку од поддршката на Коалицијата Села – Гаши.

ИФЕС е една од најреномираните меѓународни организации за изборни системи , која од 1987 прави истражувања ширум светот , во повеќе од 145 земји.

Анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори на 15 јули покажува дека владејачката коалиција на СДСМ и Движењето Беса има минимална предност од 3,6 проценти пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

На анкетата спроведена меѓу 12 и 21 јуни, на прашањето „Доколку парламентарните избори се одржуваат денес, за која партија би гласале?“, 24,8 отсто од испитаниците  одговориле дека ќе гласаат за коалицијата на СДСМ и Движењето Беса, додека 21,2 отсто од нив се изјасниле дека ќе ја поддржат коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.,

Поддршката на ДУИ на спроведената анкета е 7,2 отсто, додека коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива добила поддршка од 5,7 отсто од испитаниците.

Националниот демократски институт за меѓународни прашања (НДИ) ја поддржува работата на Собранието на Република Македонија преку програми кои се финансирани од Американскиот фонд за фундаментални права, Националната фондација за демократија, Швајцарската агенција за развој и соработка и Агенцијата на САД за меѓународен развој.

Парламентарната поддршка на НДИ е фокусирана на зајакнување на демократското владеење, преку: советодавна поддршка, консултации и обука за собраниското раководство, комисии, пратеници и служба, како и на законодавниот и надзорниот процес; спроведување на истражување на јавното мислење за да ја помогне комуникацијата на Собранието со јавноста; соработка со Демократското партнерство на Претставничкиот дом на Соединетите американски држави; учеството на Собранието во Иницијативата на НДИ за законодавно зајакнување на Западен Балкан;  поддршка на Собранието и на Владата во управувањето, надзорот и водењето на законодавниот процес; поддршка на Парламентарниот институт во одржувањето на непристраноста на своите истражувачки и информативни услуги и унапредување на официјалното вклучување на Собранието во глобалната иницијатива Отворено Владино партнерство.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги потсети радиодифузерите дека резултатите од испитувањата на јавното мислење во врска со предвремените парламентарни избори 2020, согласно Изборниот законик може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на изборите, односно најдоцна до 24 часот на 9 јули 2020 година.

Според АВМУ, при објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.

Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред затворањето на избирачките места.

На крајот граѓаните сами треба да одговорат на прашањето кој стои зад овие „мистериозни“ анкети, кои од нив се релевантни и на кого да му се верува.

Б.М.

Слични содржини