ЕУЛЕКС потврди дека во саботата вечерта била фрлена шок бомба врз нивната извидничка патрола кај Рудар.
Како што наведоа, ниту еден службеник од Специјализираната полициска единица на ЕУЛЕКС не е повреден, ниту е причинета материјална штета.
„Овој напад, како и нападите врз полицајците на Косово, се неприфатливи. Силно ги осудуваме насилните акти извршени од вооружени лица на северот на Косово, вклучително и против меѓународната заедница. ЕУЛЕКС ќе продолжи да работи со одлучност за поддршка на стабилноста на Косово, во рамките на неговиот мандат и да придонесе за безбедноста на неговото население од сите заедници. Апелираме до одговорните да се воздржат од понатамошни провокативни дејствија и ги повикуваме косовските институции да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, се вели во соопштението на ЕУЛЕКС.
Како што беше претходно објавено, северот на Косово се уште е блокиран и од граѓаните и од полицијата. На премините Јариње и Брњак не може да се помине ниту пеш, ниту со возило.
Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, објави дека го информирал специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, дека специјалните единици на косовската полиција незаконски извршиле рација во Газоводе.