Шефот на УНИЦЕФ, Хенриета Форе побара од земјите од Г7 да донираат вакцини на глобалната програма „КОВАКС“ за да го надоместат сериозниот недостиг поради нарушувања во извозот на вакцини од Индија.
Индија го ограничи извозот на вакцината АстраЗенека произведена од Институтот „Серум“, ветена на „КОВАКС“, да ја искористи за своето население во борбата против застрашувачкиот втор бран на епидемијата на коронавирус.
Форе, која е одговорна за доставување вакцини преку „КОВАКС“, проценува дека до крајот на мај ќе има недостиг од 140 милиони дози и околу 190 милиони до крајот на јуни.
„Веднаш треба да се поделат вишоците дози како основна и суштинска мерка за да се пополни празнината“, рече таа, додавајќи дека ова ќе помогне да се спречат ранливите земји да станат нови глобални жаришта.
Извршниот директор на УНИЦЕФ изјави дека земјите од Г7, ако споделат само 20 проценти од залихите на вакцини во текот на јуни, јули и август, ќе има 153 милиони дози.
Таа верува дека ова може да се направи во исто време кога тие земји продолжуваат да ги исполнуваат целите за вакцинирање на сопствената популација.
„КОВАКС“, програма што ја спроведуваат заеднички Светската здравствена организација (СЗО) и Алијансата за вакцини (ГАВИ), многу се потпира на вакцината АстраЗенека за дистрибуција на две милијарди дози ширум светот оваа година.