На „Криволак“ ќе се реализира вежбата „Брз одговор 23“

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Во периодот од 22 мај до 2 јуни на армискиот полигон „Криволак“ ќе се реализира вежбата „Брз одговор 23“ којашто е дел од најголемата мултинационална вежба во Европа оваа година „Defender Europe 23”.

Како што информираа од Министерството за одбрана на денешниот брифинг во касарната „Илинден“, „Брз одговор 23’“ ќе се изведува во осум земји во регионот, меѓу кои Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.

Во делот од вежбата, што ќе се реализира во Северна Македонија, односно на армискиот полигон „Криволак“, ќе учествуваат околу 1 850 припадници на четири НАТО армии – САД, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, како и една земја партнер, Косово.

Дополнително, Армијата на Северна Македонија со околу 130 припадници ќе учествува во реализацијата на оваа вежба и во Германија, Словенија, Хрватска, Косово и Албанија.

Целта на вежбата е подобрување на воените способности и интероперабилноста на сојузниците и партнерите. Преку изведување на здружен опсег на операции мисии и активности, вежбата ќе влијае на подобрување на брзината на дејствувањето и усогласување на оперативните процедури.

Од Министерството велат дека преку изведување на активностите на вежбата, Армијата на Република Северна Македонија ќе оствари повеќе придобивки како споделување на знаења и вештини, подобрување на способноста на нашите армиски единици за изведување на големи вежбовни активности со сојузниците на повеќе локации и региони, проверка на подготвеноста и меѓусебната оперативна синхронизираност низ широк спектар на речиси симултани операции кои се изведуваат во повеќе региони, зголемување на интероперабилноста со сојузниците на сите нивоа во изведување на операции, потврдување на можностите на нашите армиски капацитети за изведување на секаков вид вежбовни активности и употреба на најсофистицирани воени средства, како и демонстрирање на моќта и единството на НАТО Алијансата за одржување на безбедноста на секоја педа сојузничка територија и една милијарда луѓе во светот.

Единиците ќе користат своја формациска опрема и вооружување, а како дел од опремата се оклопни возила од серијата на „HMMWV“ борбени хеликоптери „АН-64 АРАСНЕ“, транспортни хеликоптери „UH-60“ (Black Hawk), транспортни хеликоптери „CH-47“ (Chinook), транспортни медицински хеликоптери „HH-60“ (Black Hawk), транспортен хеликоптер „Ми 8/17“ и артилериски орудија „хаубици и минофрлачки”.

Во текот на вежбата на АП „Криволак“ ќе биде презентиран и проектот ORIGIN кој претставува платформа за тестирање и демонстрација на нови технологии, односно автономно, копнени роботски возило на Командата за развој на воените способности на САД.

Од Министерството за одбрана дополнуваат дека, поради заштит на животната средина, во соработка со универзитетската лабораторија АМБИКОН на штипскиот Универзитет е организирано мерење на суспендирани честички на АП „Криволак“ за цело време на вежбата.

Слични содржини