Музичарот Рони Вуд призна дека повторно се борел против ракот за време на заклучувањето во Велика Британија.
„Имав рак на белите дробови во 2017 година, а неодамна ми се појавија помали карциномни клетки со кои се борев во последното заклучување“, изјави 73-годишниот рокер за „Сан“.
„За време на закрепнувањето, едноставно се препуштив. Она што мора да биде, ќе биде, не можам да направам ништо во врска со тоа. Единственото нешто што можам да направам е да останам позитивен, силен и да се борам, а сè останато е во рацете на некоја виша сила“, додаде Рони. Тој потврди дека сега се чувствува добро и дека се опоравил.
Последната блокада Вуд ја помина со неговата сопруга, театарскиот продуцент Сали и неговите четиригодишни близначки, Грејси Џејн и Алис Роуз. Тие му биле голема поддршка во тешките моменти.