Луѓето и нивната благосостојба се и ќе останат во фокус на работењето на ОБСЕ, посочи министерот за надворешни работи и престедавач со Организацијата Бујар Османи, кој денеска во Виена се обрати пред Постојаниот совет.
Османи порача дека Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе ја продолжи и зајакне улогата на Организацијата во чиј фокус се интересите на луѓето, на обичниот човек, па затоа и мотото и движечката сила на Претседателството гласи: „За луѓето се работи“.
„На обичните луѓе им е доста од политиката на моќ. Тие се чувствуваат уморни од секојдневната неизвесност и размислуваат што ќе донесе утрешнината. Тие треба да се ослободат од стравот од војна и да им се врати мирот. Нашиот фокус овде во Хофбург мора да биде на луѓето. Тие треба да бидат во центарот на нашето внимание и размислувања. Сакам јасно да порачам, ние работиме за нив. Затоа, мотото и движечката сила на Претседателството гласи: „За луѓето се работи“. Постои, би рекол, органска врска помеѓу ова кредо и целокупната мисија на ОБСЕ. ОБСЕ е формирана поради оваа причина, неговата главна цел е да го спречи човечкото страдање“, рече Османи.