Поранешниот тренер на Барселона, Луис Енрике е фаворит за менаџерскиот пост во Челзи, тврдат медиумите на Островот. Шпанецот најверојатно ќе го наследи Антонио Конте, кој ќе биде отпуштен по вториот последователен пораз на тимот од Лондон во Премиер лигата – катастрофален пораз со 1:4 од Ватфорд. Некои од водечките букмејкери на Островот веќе не прифаќаат облози за тоа дека Италијанецот ќе биде ослободен.
Второто име, кое се споменува за потенцијален наследник на Конте, е тоа на Карло Анчелоти, кој во моментов е исто така без работа. Маурицио Сари (Наполи), Гус Хидинк и селекторот на Германија Јоаким Лев, се исто така меѓу споменуваните имиња на „Стемфорд Бриџ“.
Во позадина на сите гласини за иднината на Конте денес беше објавена многу интересна статистика која покажува дека италијанскиот стручњак и неговиот колега во Манчестер Сити, Пеп Гвардиола имаат највисок процент победи во историјата на Премиер лигата – 70.03%.