На пензии и социјална заштита оди третина од Буџетот

од desk2
78 прегледи

Минималната плата во висина од 12.000 денари во сите сектори ќе почне да се исплаќа од септември, паричната помош за стечајните работници чиј статус не беше решен досега ќе се исплаќа во зависност од тоа кога некогашните работници ќе ја комплетираат потребната документација, домашните фирми под одредени услови веќе може да аплицираат за државна помош.


Ова се дел од можностите што ги пружа ребалансираниот буџет, а кој Министерството за финансии го постави на својата веб-страница, но во нова форма, таканаречена „граѓански буџет“, за да може секој граѓанин, на едноставен начин, да види од каде доаѓаат парите во државната каса и како се трошат.

„ Ние сметаме дека целосниот увид на јавноста во тоа како се трошат парите на граѓаните е важен чекор напред во спречување на злоупотребите од носителите на власта. Истовремено, нашата намера е преку зголемување на информираноста на јавноста да влијаеме врз посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики“, вели во предговорот министерот за финансии Драган Тевдовски.

Според податоците, приходната страна на буџетот е 3 милијарди евра. Најмногу пари се собираат од даноците – 1,7 милијарди евра, а потоа се придонесите – за пензиско, за здравствено осигурување и за вработување, во висина од 857 милиони евра.
На расходната страна за 2017 година има на располагање 3,3 милијарди евра. Во расходите, најмногу, односно околу една третина, се троши на пензии и социјална заштита – 1,17 милијарди евра. На здравството се трошат 504 милиони евра, на образованието и спорт – 404 милиони евра, на економски развој и финансиски работи – 321, 9 милиони евра и на градежништво, транспорт и екологија – 200 милиони евра. Чуварите на јавниот ред и на безбедноста годинава ќе потрошат 191,9 милиони евра, за земјоделците – 165,8 милиони евра, за одбраната – 97,5 милиони евра, за културата – 69,3 милиони и за судството – 29,3 милиони евра.

Ако поинаку се гледа структурата на расходите, може да се види дека 432,5 милиони евра за оваа година ќе се потрошат за плати и придонеси за вработените во јавната администрација, дека за стоки и услуги за одржување на државниот апарат ќе се потрошат вкупно 286,1 милиони евра, за субвенции и трансфери 252 милиони евра и дека вкупните расходи за обезбедување пензии во 2017 година се 843,9 милиони евра. Но, „граѓанскиот буџет“, исто така, открива и дека од собирањето придонеси за пензиско осигурување во 2017 година се планирани 575,6 милиони евра, што значи дека, за да се исплатат сите пензии, неопходно е од државната каса да бидат дотирани 268,3 милиони евра.