На плоштад „Македонија“ ќе се одржи протестен собир „во солидарност со палестинскиот народ“

од Nikola Popovski
301 прегледи

На социјалните мрежи е најавен протестен собир во знак на солидарност со палестинскиот народ и нивниот отпор, кој ќе се одржи во недела во 12 часoт, на плоштад Македонија. Ова следува откако повторно ескалираа судирите меѓу израелската армија и организацијата Хамас во реонот на појасот Газа.

„Палестинскиот народ во окупираниот источен Ерусалим се соочува со етничко чистење од државата Израел. Како резултат на нападите и насилството што ги користеа израелските власти, само оваа недела, беа убиени над 30 Палестинци, од кои 14 деца, оставајќи стотици повредени. Покрај тоа, систематското насилство прераснува во иселување и узурпација на палестинските домови во Ерусалим. Постојаното угнетување и притворање на палестинскиот народ од страна на фашистичката власт во Израел е кршење на основните права и слободи на народите насекаде, и затоа треба интернационално да се спротиставиме на ова угнетување“, стои во најавата, организирана од две Фејсбук страници.

„Потсетуваме на почитување на здравствените мерки и протоколи предвидени според Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство“, се дополнува во описот на евентот.

Во последните денови, откако повторно ескалира ситуацијата, се убиени шест Израелци, меѓу кои еден војник на ИДФ и шестгодишно момче. Здравствените власти во Газа соопштија дека над 100 Палестинци, од кои 27 деца, станале жртви на израелските напади заклучно со четвртокот, додека скоро 600 лица се повредени.

Последен пат копнените сили на ИДФ влегоа во Газа во 2014 година, за време на седумнеделната операција „Нескршлива карпа“. Исто така, имаше и тринеделен упад кон крајот на 2008 година, кој продолжи и во 2009 година. Појасот е под контрола на Хамас – милитантна палестинска организација – од локалните избори во 2007 година, две години откако Израел прогласи еднострано повлекување на војниците и населбите од појасот.

Слични содржини