Три од четирите најголеми политички партии не доставиле предлози за членови во избирачките одбори. СДСМ, ДУИ и ДПА не го испочитуваа рокот до полноќ да делегираат свои луѓе за избирачките одбори.
Како што информираат од ДИК до попладнево стигнале податоци од повеќе од десетина општински изборни комисии од вкупно 81. Меѓу нив имало предлози единствено од ВМРО-ДПМНЕ, партијата предложила околу 3000 луѓе за сите избирачки места во земјава.
ОД ДУИ и ДПА нема конкретен одговор зошто не доставиле листи, но како што велат од партијата на Ахмети, во моментов нема договор за избори, па во таа насока се и нивните чекори.
Лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев на својот фејсбук профил напиша дека зборот е збор и никој нема право да ги уценува граѓаните повторувајќи ги барањата за одржување избори.
-Иванов да ги повлече сите срамни одлуки за помилување што ги донесе по нарачка на Никола Груевски, спротивно на Уставот и законите.
Да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за одржување на избори на 5-ти јуни поради неисполнети клучни услови за регуларни, слободни, фер, и кредибилни избори, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот изборите да се одржат на 5-ти Јуни бидејќи врвен интерес на партијата е да се излезе од кризата.
Ставот за аболицијата останува ист.
ДИК сега има рок од 48 часа да одлучи дали ќе ги пополни местата со вработени во јавната администрација, или како што предвидува Изборниот законик, ако партиите не ги достават своите предлози во утврдениот рок, именувањето на членовите го врши општинската изборна комисија.
Избирачките одбори бројат по пет членови. Двајца се избираат од редовите на партиите во власта и во опозицијата, а останатите од јавниот сектор. Но, и општинските изборни комисии не се целсосно екипирани. ДИК треба да одлучи и како ќе постапи со барањата за неприфаќање на извршување должноста на претседатели, заменици и членови на општинските изборни комисии. Во тек е се уште јавниот увид во избирачкиот список, кој изминува на 9 јуни.
До сега 3800 граѓани ги провериле податоците во подрачните оддленија на Дик, од кои за 660 е донесено решение дека треба да се избришат од избирачкиот список. По јавниот увид, списокот ќе бидат доставен и до политичките партии, чиј рок за поднесеување кандидатски листи за пратеници, изминува на 11 мај.