Манчестер Сити сериозно размислува да го ангажира Пол Погба ова лето, пренесуваат островските медиуми.
Французинот наскоро ќе стане слободен играч, бидејќи неговиот договор со Манчестер Јунајтед истекува на лето. Клубот од Олд Трафорд не е заинтересиран за продолжување на соработката со славниот фудбалер, а сосема е извесно дека овој 29-годишен фудбалер ќе ја промени средината.
Неодамна беше поврзуван со Пари Сен Жермен, но медиумите од Велика Британија сега тврдат дека постои голема можност Погба да премине во редовите на градскиот ривал Манчестер Сити.
Погба е заинтересиран за оваа опција бидејќи би сакал да соработува со Пеп Гвардиола, пишува Гардијан.
Гвардиола бара засилување на средината на теренот и една од опциите е Погба кој во клубот би пристигнал без обештетување.
Доколку се реализира овој трансфер, ќе биде големо предавство, слично на она кога Карлос Тевез во 2009 година од Јунајтед дојде во редовите на својот лут ривал.
Погба прво пристигна во Јунајтед како 16-годишник, но потоа не доби шанса во првиот тим. Подоцна се наметна во Јувентус, па се врати на „Олд Трафорд“ во 2016 година за неверојатни 105 милиони евра. Сепак, играше со многу осцилации, никогаш не беше на нивото на кое настапуваше за клубот од Торино и за француската репрезентација.