Трговскиот договор меѓу ЕУ и Велика Британија е на повидок и може да биде постигнат денес или утре, објави „Сан“ во средата, а според европскиот дипломат, можеби уште вечерва.
„Британските и европските преговарачи се надеваат дека ќе се ракуваат попладнево или утре наутро, но напредокот е отежнат од спорот околу електричните автомобили“, рече главниот политички новинар Хари Кол.
Еден британски извор изјави за „Сан“: „Сè уште нема бел чад, но денес тие дојдоа со кибрити“.
Трговски договор следи и може да се постигне веќе во среда навечер, рече дипломат на Европската унија.
Под услов тој да не биде именуван, дипломатот рече дека членките на ЕУ треба да ја одобрат привремената примена на договорот, тој да стапи на сила на први јануари, бидејќи нема доволно време истиот да биде ратификуван од Европскиот парламент.
Тројца европски дипломатски извори за „Ројтерс“ изјавија дека членките на ЕУ започнаа да подготвуваат процедури за спроведување на новиот трговски договор на први јануари.
На состанокот со Европската комисија, која преговара со Велика Британија во име на 27-те членки, на националните дипломати во Брисел им беше кажано да бидат подготвени за состанок во четврток.
„Се чини дека договор е на повидок. Останува да видиме дали ќе биде објавен денес или утре“, рече еден дипломат, додавајќи дека Европскиот совет, кој ги претставува земјите-членки во Брисел, ги започна подготовките за спроведување на т.н. привремени апликации, односно за забрзано спроведување на договорот.