На предлог на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на вчерашната седница на ЗЕЛС беше формирана посебна комисија која ќе работи на имплементирање на Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти во ново законско решение.
Новоформираната комисија е составена од 5 градоначалници и членови на Управниот одбор на ЗЕЛС, нивни стручни тимови од општината и претставници од Министерството за транспорт и врски и Министерството за правда под чии ингеренции спаѓаат Законот за управување на конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочната постапка и Законот за постапување со бесправно изградени објекти под чии законски регулативи спаѓа Иницијативата за конфискација на дивоградби.
“Прифаќањето на предлогот и во истиот момент формирање на комисија е силен показател за потребата за имплементирање за Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти во законско решение. Воедно ова покажува колку е голем и сериозен проблемот со бесправното градење и узурпирање и присвојување на државното земјиште во сите општини, во целата држава. Им се заблагодарувам на колегите градоначалници на ЗЕЛС кои даваат силна поддршка за конечно заедно да ставиме крај на неконтролираното градење”, изјави вчера Герасимовски.
Според градоначалникот Герасимовски комисијата која ќе ги иницира измените и дополнувањата на законите под кои спаѓа Иницијативата, се формира во вистинско време затоа што законите кои треба да претрпат измени и дополнувања веќе се влезени во Собраниска процедура.
Целта на преточување на Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти во закон има за цел да ги ре-употреби објектите за потребите на граѓаните. Герасимовски смета дека законско решение за оваа иницијатива би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби.
Само за една градба на Водно потребни се околу пет милиони денари само за онеспособување но не и нецелосно отстранување на нелегалниот објект. Само во Општина Центар има околу 10на големи дивоградби додека на државно ниво се неколку стотици.