Скопјани денеска останаа без јавен превоз. Поголемиот дел од граѓаните на главниот град утрово решија да го искористат приватниот превоз, додека пак останатите решија да заминат на работа и училште пеш или со тротинет или велосипед.
-Се обидов да се качам во приватен автобус, но имаше премногу гужва, па решив да одма пешки до работа, вели Кристина.А. од Карпош.
Автобусите на ЈСП останаа паркирани во двете бази на претпријатието во Ѓорче Петров и Автокоманда.Вработените уште од 04:30 часот утринава се собрани во кругот и јавното претпријатие барајќи исплата на септемвриската плата.
На вонредната седница на Советот на град Скопје беше усвоен заклучок со кој се задолжува градоначалничката Данела Арсовска со надлежните сектори најдоцна до петок 21-ви октомври до 12 часот, да достави одлука до Советот на градот за прераспределба на средства за ЈСП Скопје, како би се овозможило непречено работење на претпријатието.
За заклучокот гласаа 24 советници, без ниту еден против или воздржан.
Во меѓувреме, приватните превозници продолжуваат да возат по нивниот распоред.