НА САМИТОТ ВО БУКУРЕШТ НАТО ЈА ПОТВРДИ ПОДДРШКАТА ЗА УКРАИНА: „Вратите на Алијансата се отворени“

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на денешната средба во Букурешт најавија зголемување на поддршката за Украина и помош за поправка на енергетската инфраструктура, а најавија и дека Украина ќе стане членка на таа воена алијанса.

Милиони Украинци немаат пристап до основните човечки услуги поради руската агресија, вклучувајќи постојани и неправедни напади врз цивилна и енергетска инфраструктура, се вели во соопштението по првиот ден од разговорите во Букурешт.

Тие, исто така, ја осудија, како што рекоа, руската суровост кон украинските цивили и ветија дека ќе и помогнат на Украина да ја поправи енергетската инфраструктура.

„Ќе продолжиме и дополнително ќе ја зголемуваме политичката и практична поддршка за Украина додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијален интегритет и ќе даваме поддршка се додека е потребно“, се вели во соопштението.

Министрите потврдија и дека Украина на крајот ќе биде членка на алијансата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претходно ја повтори посветеноста на воената алијанса за Украина, наведувајќи дека оваа земја разурната од војна еден ден ќе биде членка на најголемата светска безбедносна организација.

„Вратата за НАТО е отворена, Русија нема право на вето“, рече Столтенберг на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на алијансата, алудирајќи на претходното членство на Северна Македонија и Црна Гора.

Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин ќе доведе до претстојното „членство на Финска и Шведска“ во Алијансата. Двете земји поднесоа барање за членство во април, загрижени дека тие би можеле да бидат следната цел на Русија.

„Остануваме на тоа кога станува збор за членството на Украина“, рече генералниот секретар на НАТО, кој на тој начин го повтори ветувањето на лидерите на НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година дека Украина и Грузија еден ден ќе станат членки на воената алијанса.

И покрај ова ветување, Украина нема брзо да стане членка на НАТО, бидејќи со анектираниот Крим и со руските војници и проруските сепаратисти кои контролираат делови од југот и истокот, не е јасно како ќе изгледаат границите на Украина, пренесува Асошиејтед прес.

Многу од 30-те членки веруваат дека фокусот сега мора да биде ставен на поразот на Русија и Столтенберг истакна дека секое движење кон членството на Украина сега може да ги подели.

„Ние сме среде војна и затоа не треба да правиме ништо што може да го поткопа единството на сојузниците за давање воена, хуманитарна и финансиска поддршка на Украина“, нагласи Столтенберг.

Слични содржини