На штаки со полициска придружба денеска до судот беше спроведен поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески обвинет во случајот „Топлик“.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска за случајот „Шпански скали” пред неколку дена информираше дека одбраната на Јанакиески доставила оригинален документ од медицински преглед од 13.12.2021 година во „Аџибадем Систина”.
Според обвинението за „Топлик“ на поранешното СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
Од доказите, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за еден милион евра.